ЕКСПЕРТИ ОД АНГЛИЈА И ОД МАКЕДОНИЈА КРЕИРААТ ПРОТОКОЛИ ЗА ПОВРЕДЕНИТЕ ОД КОЧАНИ Дел од пациентите ќе останат во странство на подолгорочен третман
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека очекуваат информации за опис на состојбата на пациентите во странство, за да се планира колку ќе се третираат во државава, а колку надвор од неа.
Веќе имаме неколку експерти од Англија, кои заедно со нашите доктори подготвуваат евалуација, односно протокол, за да се процени тежината на клиничката слика по што ќе ги тријажираме пациентите, каде треба да продолжат да се третираат. Дали ќе треба тука, дали ќе треба во тие држави што нудат помош да се третираат таму, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција за повредените пациенти од трагедијата во Кочани.
– Сега имаме експерти за изгореници кои заедно со нашите екипи подготвуваат протоколи – појасни Таравари.
Тој рече дека очекуваат информации за опис на состојбата на пациентите во странство, за да се планира колку ќе се третираат во државава, а колку надвор од неа.
Министерот рече дека во Литванија имало еден пациент, кој сега бил во добра состојба, а надлежните таму планирале да го задржат уште еден месец, со цел рехабилитацијата да биде комплетна.
– Можеби ќе има и од другите држави, од овие 48 пациенти, за коишто државите се подготвени без финансиски надомест да задржуваат одредени пациенти за подолгорочен третман, додека ние веќе се подготвуваме од идната недела, се надевам, во „8 Септември“ да се доекипираме и да се подготвуваме одреден број на пациенти да ги третираме во наша здравствена установа, за тие потешки пациенти – појасни Таравари.
Тој повтори дека неколку држави изразиле интерес да помогнат за најтешките пациенти на кои им е потребна рехабилитација.
– Не се работи само за физикален третман, туку треба да речам така, повеќе начини на рехабилитација – и респираторна и физикална, меѓутоа и психичка рехабилитација – додаде министерот за здравство.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени. Во моментов 9 лица се лекуваат во болници низ Скопје, а 48 во странство.