ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУСОТ НА НОВАТА ВЛАДА За Ковачевски патриотизам е покачување на платите
Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата, насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува, рече Ковачевски по изборот на новото раководство на СДСМ.
Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата, истакна во вчерашното обраќање пред медиумите Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ и мандатар за идна Влада. Тој рече дека новата Влада ќе се насочи кон ефикасна реализација на капиталните инвестиции и финансиска поддршка на граѓаните во време на економска и енергетска криза.
– Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата, насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува – рече Ковачевски по изборот на новото раководство.
Тој истакна дека согласно економските трендови и силината на кризата, ќе се моделираат и финансиските модели за поддршка на граѓаните и стопанството со цел заштита на ранливите групи граѓани и поддршка на работниците.
– Финансиската поддршка за сите граѓани и за компаниите ќе продолжи и ќе се зголемува. Како што ќе се креираат мерките за интеревенција поврзани со енергетската криза, за заштита на здравјето и помош во услови на пандемија, така ќе се моделира и засилената финансиска поддршка – рече Ковачевски.
Тој додаде дека СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна паритја.
– СДСМ е партија која никогаш не бегала од одговорност. Додека другите ги ставале проблемите под тепих, ние храбро сме ги решавале. Тоа е разликата и така СДСМ ќе продолжи да работи. За нас патриотизмот не е празен збор и само чукање во гради. Тоа не е ниту национализмот, ниту кавгата со соседите, ниту ново минато кое тие го нудат. За нас патриотизам е да сработиме нешто за нашата земја. За нас патриотизам е да ја обезбедиме иднината на нашите деца. Патриотизам е покачувањето на платите, заштита на обесправените и храбро решавање на најгорливите проблеми во змејата. Но мора да направиме уште многу – рече Ковачевски.
Тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ за помалку од два месеца во општините каде што има власт го покажала вистинското лице и ги блокирала сите проекти од интерес на граѓаните, но кои, како што рече, не биле од нивен личен финансиски интерес.
– Опозицијата се обидува и ќе се обидува постојано да ја оцрнува и да ја омаловажува нашата работа. Таа лажно ќе нè клевети за сè и сешто бидејќи тоа е нејзиниот единствен проект – додаде тој.