ЌЕ СЕ ЗАТВОРАТ СТУДИСКИ ПРОГРАМИ СО 1 ДО 5 СТУДЕНТИ На некои катедри има превработеност од професори, на некои има премалку

855

Драстично намалување на бројот на студиските програми на универзитетите од сегашните повеќе од 1.300 очекува министерката за образование и наука Весна Јаневска со донесувањето и примената на новиот закон за високо образование. Таа смета дека јасно дефинираните критериуми ќе ги натераат високообразовните установи или самите да затворат или тоа да го направат по сила на законот. Министерката вели дека е неприфатливо она што сега се случува често – на една студиска програма да се запишани само еден до пет студенти.

– Тоа е апсолутно неприфатливо и затоа се договоривме со универзитетите дека ќе го промениме тој систем на такво студирање и тоа законот го предвидува. Ќе воведеме модуларност. На пример, на Правниот факултет – сите студенти завршуваат Правен факултет и добиваат диплома за дипломиран правник. Првите две години се исти за сите нив, во вторите две години студентот се насочува. И тоа важи за сите други факултети. Оттука, очекуваме драстично намалување на студиските програми. Но, бидејќи многу бргу ќе треба сите јавни високообразовни установи во Македонија да се приспособат на условите, очекуваме дека релативно голем број од нив самите ќе се затворат или ќе бидат затворени по сила на законот – рече Јаневска на прес-конференцијата, на која го претстави пакетот од три закони за високото образование и за научноистражувачката дејност.






Таа не очекува дека со укинувањето на студиските програми професори ќе останат без работа. Ќе се бара решение и за нерамномерната распределба на професорите на факултетите или институтите затоа што многу од нив имаат проблем или со недостиг од кадар или со превработеност.

– Затоа ќе воспоставиме систем со кој вработувањето на наставно-научниот кадар ќе оди по систематизација за да немаме премалку или премногу професори за одредени студиски програми. Систематизациите ќе си ги носат самите универзитети, како држава нема да им се мешаме, нема да се мешаме ниту во програмите ниту во која било нивна наставно-научна дејност. Но, првпат ќе бараме отчетност. Сега ќе имаме функционален национален совет за високо образование и наука, а исто така тие треба да имаат систем за внатрешен квалитет, кој ќе биде евалуиран – додаде министерката за образование и наука.

Поврзани содржини