ЌЕ СЕ ЗАДОВОЛАТ ЛИ НАСТАВНИЦИТЕ СО ПЛУС 500 ДЕНАРИ? Социјалните мрежи вријат, синдикатот молчи!

Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, денеска е недостапен за изјава. Тој не одговори на нашите повици и на СМС пораките во кои му го поставивме прашањето: „Што беше пресудно за СОНК да не прифати 10 отсто, а да прифати 12 отсто зголемување на платите?!“

4,227

„СОНК капитулираше! Разликата помеѓу првиот (10 отсто) и вториот (12 отсто) владин предлог за покачување на платите на наставниците изнесува нешто помалку од 500 денари. Ова е пораз за просветните работници! Ова е газење на достоинството“.

Вакви пораки напишани од професори, наставници, негуватели, масовно почнаа да се споделуваат на социјалните мрежи откако првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вчера соопшти дека начелно е постигнат договор со Владата за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата и дека децата најверојатно од утре ќе се вратат на училишните клупи. Сепак, главниот збор ќе го има Советот на СОНК кој вечерва треба да се консултира и да ги усогласи ставовите со членството.






Доза на чудење се забележа и кај претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации, Марјан Ристески, кој рече дека лично очекувал СОНК да издржи појако.

– Јас очекував дека СОНК ќе издржи појако. Ако сега го прекине штрајкот, тогаш се поставува прашањето дали се исплатеше сето ова чекање? Требаше малку похрабро да настапат. Јавно кажувам дека не е добро протестот во образованието да се прекине за само тие 2 отсто разлика, тоа не е добро за работниците. Не би го обвинил само СОНК, туку и Владата кои треба посериозно да го сфатат штрајкот. И ние сме правеле протести и сме ги повикувале нашите членови да ги поддржат протестите што ги прават другите синдикати. Работниците се единствени – рече Ристески во гостувањето на „Утрински брифинг“.

Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, денеска е недостапен за изјава. Тој не одговори на нашите повици и на СМС пораките во кои му го поставивме прашањето: „Што беше пресудно за СОНК да не прифати 10 отсто, а да прифати 12 отсто зголемување на платите?!“

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се надева дека наставниците, професорите, воспитувачите и негувателите уште утре ќе се вратат на работните места и образовниот и згрижувачкиот процес ќе продолжи нормално.

– Се надевам дека сите оние коишто штрајкуваа ќе се вратат на своите работни места. Од утре ќе почнат да функционираат и училиштата и детските градинки нормално, децата ќе се вратат во градинките, учениците во училишта, родителите ќе се вратат на работните места, затоа што поради штрајкот тие мораа да земаат годишен одмор за да ги згрижат децата – изјави Тренчевска.

Штрајкот во основното и средното образование и во градинките почна на 11 април. СОНК бараше веднаш зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, но овој предлог не беше прифатен од страна на СОНК.

Најмногу ќе ќарат директорите, најмалку наставниците?

Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, кој преговара со Владата за зголемување на платите во целиот јавен сектор, со барање тие да се покачат линеарно за 2.806 денари за сите вработени, од најниското до највисокото ниво, смета дека постигнатиот договор меѓу Владата и СОНК, иако е добро што се нашло решение, ги става во нееднаква положба директорите на училиштата и наставниците, односно разликите во платите меѓу нив сега ќе бидат уште поголеми.  

– Ова што сега го прифати Јаким Неделков ја поставува дилемата дали СОНК со штрајкот се бореше за поголеми плати на директорите на училиштата или за учителите и за наставниците, односно за работниците. Бидејќи, ако еден директор на училиште сега зема плата од околу 40.000 денари, тоа значи дека неговите 12 отсто ќе значат дека ќе добие зголемување од 4.800 денари, додека, пак, ако еден помлад наставник зема 22.000 денари, значи дека ќе има зголемување од само 2.640 денари – објаснува Димовски за Фактор.

Поврзани содржини