ЌЕ СЕ РОДИ ЛИ НЕКОЈ НОВ „ЕПЛ“ ИЛИ „РИМАЦ“ ПОД ЗАКРИЛА НА БИЗНИС АНГЕЛИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА? Од младите се чекаат големи идеи, од богатите мал ризик

Бизнисмените главно се позитивно определени кон идејата иако се скептични дека таа брзо ќе почне да функционира бидејќи овдешните стопанственици и богати луѓе се скептични и конзервативни кон ваков вид инвестирање.

2,118

Ако нашите млади не сакаат да садат кромид или да шијат кошули, ниту да заминуваат во странство, нека се испробаат во нови технологии во кои ќе можат да ги реализираат своите идеи за нови бизниси помогнати од богати поединци во земјава, велат бизнисмени кои ја поддржуваат идејата да се направи законска рамка за „бизнис ангели“ во земјава.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вчера информира дека се работи на закон со кој ќе дефинира кој може да стане бизнис ангел, под кои услови може да работи, кои се придобивките и процедурите.






– Наведени ќе бидат даночните и другите олеснувања на кои ќе имаат право бизнис ангелите. Донесувањето на оваа законска рамка е од клучно значење не само за охрабрување повеќе поединци да станат бизнис ангели, туку и за обезбедување транспарентност и одговорност во овој процес – рече Дурмиши.

Тој рече и дека ќе се градат институционални капацитети кои ќе го поддржат развојот на бизнис ангелите во земјава кои би поддржувале не само нови мали бизниси туку и средни компании.

Бизнисмените главно се позитивно определени кон идејата иако се скептични дека таа брзо ќе почне да функционира бидејќи овдешните бизнисмени и богати луѓе се скептични и конзервативни кон ваков вид инвестирање.

– Дали може да заживее еден ваков процес, веројатно да, но кај нас ќе оди потешко. Кај нас нема толку богати луѓе, како во западните земји каде што е развиен овој систем на инвестирање во нови идеи. Луѓето кај нас се скептични, не сакаат да инвестираат во ризични бизнис идеи. Не заборавајте дека деловните ангели инвестираат свои пари. Очекуваат да добијат повеќе пари назад и да видат раст на компанијата. Тие носат многу за општеството и за стартап екосистемот, но секако очекуваат нешто за возврат. На пример, да вложат во идеја 20.000 евра и потоа да очекуваат со развојот на бизнисот да добијат 2 милиони евра како што тоа го прават богатите луѓе во развиените земји каде што системот е развиен. Сепак, идејата е добра и треба да ѝ се даде шанса, но треба да се создаде рамка во која ќе се движи – вели Ангел Димитров, сопственик на модната конфекција „Мода“ од Свети Николе.

Тој смета дека треба да им се даде шанса на новите идеи на младите кои се поттикнати од новите технологии кои имаат додадена вредност.

– Ако нашите млади не сакаат да садат кромид или да шијат кошули, што е факт и затоа ја напуштаат земјата, тогаш да работиме нешто ново кое дава повисока додадена вредност и поголем профит. Да им дадеме можност своите идеи за бизнис да ги реализираат во поинтересни и попрофитабилни технологии овде во земјава за да не заминуваат надвор и да го однесат и она што сме го потрошиле за нивното школување – вели тој.

Притоа, според него, значајни се богатите инвеститори бидејќи најголемиот дел од младите кои почнуваат бизнис немаат пари за негово полнување, но имаат добри идеи.

– Тие не можат да земат кредит од банка, бидејќи често немаат ниту имот кој можат да го вложат, но затоа имаат добра идеја која можеби и ќе создаде компанија која подоцна ќе биде успешна. Ваквите бизниси можат да бидат поттик и за голем број од нашите богати луѓе надвор од производството кои не знаат каде да ги инвестираат парите – додава Димитров.

И Виктор Мизо смета дека државата оваа идеја мора да ја канализира во законски текст, но треба да остави простор пазарот да го регулира и да ги избере бизнис идеите и дејностите во кои ќе се реализираат тие.

– Секој што има бизнис идеја самиот определува во која дејност ќе ја реализира, а „бизнис ангелите“ пресметуваат дали ќе ризикуваат да поддржат таква идеја. Таа може, но не мора да им донесе профит. Тука нема мешање од институции, но сето тоа треба да биде канализирано во закон – вели тој.

И Митко Јанчев сопственик на „Кожувчанка“ е за идејата која, според него би придонела голем дел од младите со идеи за отворање бизнис да останат во земјава и да обезбедат додадена вредност.

– Дај боже да има такви нови бизниси и да ги отвораат млади. Како бизнисмен би поддржал стартап бизнис кој би овозможил да се задржат младите, па дури и да е од дејноста во која работам и да ми биде конкурент – вели Јанчев.

Тој смета дека можеби е потребно да се издвојат дејности кои би биле конкурентни надвор од земјата, бидејќи Македонија е мал пазар за развивање на големи бизниси и големо производство.

– Добро е овие бизниси да се поддржат технички и технолошки, со нова опрема за да можат да бидат конкурентни дома и посебно надвор за да бидат успешни – вели тој.

Според она што го кажа министерот за економија, идејата е „бизнис ангелите“ освен со пари да ги помогнат големите идеи на малите бизниси и со искуство, експертиза во моментите на нивниот клучен развој.

Бизнис ангелите, наречени и Ангелски инвеститори, можат да бидат индивидуално лице, бизнис или група која обезбедува финансиска поддршка особено за малите стартапи и почетниците претприемачи.

Во Македонија постојат 3 мрежи на бизнис ангели: Здужение на бизнис ангели, ЦЕЕД Клуб на бизнис ангели и Мрежа на бизнис ангели -И2- БАН.

Според достапните информации овие „бизнис ангели“ досега инвестирале околу 250.000 евра во мали стартап бизниси.

Во ЦЕЕД Клубот на бизнис ангели членуваат околу 20 бизнис ангели, а има инвестирано во 3 стартап компании.

Здружението на бизнис ангели во кое членуваат 15 успешни бизнисмени кои, најчесто, во минатото создале или менаџирале една или повеќе успешни компании, досега инвестирале во 5 стартапи од ИТ секторот.

Инвеститорите забележуваат дека постоечката регулатива не соодветствува на потребите бидејќи со многу закони се ставаат пречки идејата да не може да се реализира. Нема доволно стимулации за да охрабрат што повеќе бизнисмени да инвестираат во малите бизнис идеи.

Во големите економии системот на „бизнис ангели“ е добро развиен, а оние кои инвестираат во идеите веќе знаат што може, а што не да им донесе профит. Најпрепознатливите старт-ап компании во светот како Apple или Amazon и многу слични компании кои постигнаа меѓународен успех собраа капитал за развој од „бизнис ангелите“. Во регионот еден од најпознатите стартапи кои постигнаа голем успех е хрватската компанија „Римац“.

Поврзани содржини