ЌЕ СЕ ЛОЦИРА ВИНАТА ЗА ПОЧИНАТОТО БЕБЕ ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА Обвинителството ја собира сета документација за случајот
Центарот за јавно здравје од Прилеп зел брисеви во прилепската болница од сите предмети во одделенијата, како и од персоналот и се чекаат резултатите.
Прилепското основно јавно обвинителство интензивно работи на предистрагата за случајот со новороденчето кое на 27 октомври се роди здраво во прилепската градска болница, а по три дена, поради проблеми со дишењето, беше префрлено на Клиниката за детски болести во Скопје, каде по една недела почина од сепса – информира основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.
Предметот е отворен по пријавата на родителите, кои дале изјави и ја доставиле својата документација, а обвинителството ја побарало и документацијата за овој случај од болницата во Прилеп и од детската клиника во Скопје.
– Дали и кого ќе повикаме да даде исказ ќе зависи од она што е содржано во документацијата – изјави Биноски.
Директорката на прилепската градска болница Кети Смилеска информира дека го исчекуваат барањето и секако ќе ја достават документацијата.
Во меѓувреме болничката Комисија за интрахоспитални инфекции побара вонреден надзор од двете одделенија – гинеколошкото и неонатолошкото и земени се брисеви.
– Од Центарот за јавно здравје од Прилеп се земени брисеви од сите предмети во одделенијата, како и од персоналот и се чекаат резултатите, како и по надзорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Документацијата е на располагање на обвинителството – изјави Смилеска.