ЌЕ СЕ КОПА ТУНЕЛ НИЗ ШАР ПЛАНИНА? Ахмети го примил косовскиот министер за транспорт по барање на Албин Курти – ќе се гради пат од Тетово до Призрен
Косовскиот министер рече дека, меѓу другото, треба да се пристапи на проектирање на тунелот што ќе минува низ Шар Планина и потоа да се започне со изградба на патот Тетово-Призрен кој ќе придонесе и за развој на туризмот, покрај на економската соработка.
Во седиштето во Мала Речица лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска одржа прес-конференција на која беше присутен министерот за транспорт на Косово, Љибурн Аљиу, кого Ахмети го примил по официјално барање од косовскиот премиер Албин Курти.
Ахмети изјави дека е разговарано за реализација на проектот за изградба на пат од Тетово до Призрен и нагласи дека во интерес на двете држави е преку официјални разговори да се поттикне економската и друга соработка.
– Во интерес на нашата држава е развој на соработката со Косово како и развој на соработката и со другите соседни земји, зашто треба да имаме предвид дека регионот мина низ конфликти и војни со тешки последици. За да се биде успешен во градењето добри односи со народите и граѓаните, потребна ни е подобра соработка – рече Ахмети.
Во таа насока Ахмети рече дека изградбата на пат од Тетово до Призрен, кој е проектиран, ќе биде од особен интерес на двете земји. Важно е да се започне што побрзо со изградбата на овој пат, рече лидерот на ДУИ.
– Мора да се сконцентрираме на тоа како да ги развиваме натаму пријателските односи – нагласи Ахмети.
Косовскиот министер рече дека, меѓу другото, треба да се пристапи на проектирање на тунелот што ќе минува низ Шар Планина и потоа да се започне со изградба на патот Тетово-Призрен кој ќе придонесе и за развој на туризмот, покрај на економската соработка.
Тој му се заблагодари на Ахмети што му овозможи да дојде и да разговараат за проектот.