ЌЕ СЕ ГРАДИ НОВ ПАТЕН ВЛЕЗ ВО ГЕВГЕЛИЈА Николоски соопшти дека за изградба и за поправки на инфраструктурата на овој град се потрошени 165 милиони денари
Вицепремиерот денеска заедно со градоначалникот изврши увид во реконструкција на улицата Маршал Тито, инвестиција од 81 милион денари поддршка од Владата.
Завршивме неколку големи проекти во Гевгелија, со што инфраструктурно градот доби нов лик, едно модерно место за живеење. Вкупно инвестираме над 165 милиони денари, поддршката од Владата за Гевгелија ќе продолжи и во таа насoка ќе работиме на изградба на нов влез во градот – најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на Гевгелија.
Заедно со градоначалникот изврши увид во реконструкција на улицата Маршал Тито, инвестиција од 81 милион денари поддршка од Владата.
– Овој проект ќе му даде целосно нов лик на овој дел од градот, Ќе ја врати автентичноста, но исто така има и доста модерни елементи. Тоа што целокупната инсталација се решава и оди подземно и тоа што ќе има едно прекрасно осветление, кое навечер ќе му даде целосно нов дух на овој дел од градот, мислам дека целосно ќе го смени ликот. Toa ќе значи голема шанса и за околните жители нивните имоти да добијат вредност, а зошто тука да не да се отворат и угостителски објекти, во кои ќе може да доаѓаат и гости од државата, но и гости од странство, кои често знаат да ја посетат Гевгелија. Kако Влада и како Министерство за транспорт дадовме поддршка во реализација на овој проект во вкупна вредност од 81 милион денари – рече Николоски.
Тој најави и нов проект за општина Гевгелија.
– Со градоначалникот пред некој ден разговаравме и за нов влез на градот, кој ќе го преземеме како обврска, т.е. Министерството за транспорт, еве можам и официјално да го најавам, така што ќе работиме заеднички за еден нов влез на градот – рече Николоски.
Со поддршка на владата во Гевгелија се изградени повеќе инфраструктурни објекти. Завршена е и изградбата на улицата Новопланирана во вредност од 2,4 милиони денари, како и изградба на парк со детско игралиште на улица Деко Ковачев во вредност од 7,1 милион денари. Реконструиран е и дел од булеварот Гевгелија и натпатникот на улица Железничка од 17,7 милиони денари, а се реконструирани и улици во село Моин, во село Прдејци и во село Богородица. Исто така е завршен и Западниот булевар фаза 3 во вредност од 30,8 милиони денари.