ЌЕ ПРОПАДНЕЛО НОВИНАРСТВОТО АКО НЕ ГО „ИЗБРКАЛЕ“ САШЕ ДИМОВСКИ ОД ЗНМ Зошто морало толку итно да му се трансферира членството во придружно?
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека не постоеле услови Димовски истовремено да биде член на Комисијата за помилување и дел од Советот на честа во ЗНМ, но исто така потврди дека не постоеле рокови за трансферирање на неговото членство, па реално и не било потребно толкаво брзање.
На смртна постела. Во болница. Чувствува дека е при крај со силите, но надежта не го напушта. Чека да дојде вторник за да си оди дома. И да се фати за работа. Има уште многу текстови за пишување.
Одеднаш, му ѕвони телефонот. Му се јавуваат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и му соопштуваат дека веќе не е редовен член на ова здружение затоа што во меѓувреме прифатил да биде член на Комисијата за помилување кај претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова. Едното со другото не можело да оди заедно…
Ваквиот телефонски повик многу го вознемирува. Очигледно му значело да биде дел од еснафот, па неговото исфрлање оттаму го заболува до срце. Неговата вознемиреност ја чувствуваат и колегите-новинари кои сѐ до последниот миг му беа најголема поддршка.
По неколку дена, не дочекувајќи го долгоочекуваниот вторник, нѐ напушта засекогаш.
Вака, отприлика, покојниот новинар Саше Димовски ги проживеа последните денови од својот живот во болница – вознемирен.
Оттука, се поставува прашањето, зошто и дали било дојдено „нож до коска“ за раководството на ЗНМ да мора итно телефонски му ја соопшти оваа информација додека тој се наоѓал во болница и буквално се борел за живот?! Што било толку итно и неодложно?
Одговор на овие прашања побаравме од претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, кој во разговор за Плусинфо ни одговори со контра-прашање: „Кој нормален човек, ако знаел дека Саше не е добар, ќе му се јави и ќе му соопшти нешто што би го вознемирило?“
Сите бевме свесни дека Саше има здравствени предизвици во изминативе години со кои храбро се носеше, но инсинуации дека некој злонамерно, токму сега, во деновите пред да почине имал намера да го растревожи, е пред сѐ нечовечки, тоа е злобна лага која придонесува за поголема лична болка на неговото семејство, но и на сите колеги кои со него соработуваа и го почитуваа.
Тој вели дека не постоеле услови Димовски истовремено да биде член на Комисијата за помилување и дел од Советот на честа во ЗНМ, но исто така потврди дека не постојат рокови за трансферирање на неговото членство, па реално и не било потребно толкаво брзање.
– Длабоко жалам за смртта на мојот колега и пријател, со кој вчера на градските гробишта во Велес се простивме за последен пат. Јасни се постапките за кои ме прашувате и тие се јавно објавени. Со именувањето на Димовски во Комисијата на претседателот за помилувања, статутарно не постоеја услови да продолжи да биде дел и од Советот на честа во ЗНМ, но тој остана наш член. За ова ставот на Управниот одбор беше принципиелен и без приговори, затоа што таква е фактичката состојба. Јас лично разговарав со Саше во четвртокот и имавме куса прилика да размениме размислувања за оваа тема. Сите бевме свесни дека Саше имаше здравствени предизвици во изминативе години со кои храбро се носеше, но инсинуации дека некој злонамерно, токму сега, во деновите пред да почине имал намера да го растревожи, е пред сѐ нечовечки, тоа е злобна лага која придонесува за поголема лична болка на неговото семејство, но и на сите колеги кои со него соработуваа и го почитуваа. Меѓу нив сум и јас. Мислам дека е крајно неетички оваа лична трагедија да се злоупотребува за ширење на некакви конспирации, малициозни и тенденциозни известувања – изјави Чадиковски за Плусинфо.
Новинарката и главна и одговорна уредничка на Телма, Снежана Лупевска-Созен, простувајќи се со колегата Димовски, прва обзнани за потегот на ЗНМ:
„Вечна слава колега Саше! Беше борец и како човек и како новинар. Критичен и со остро перо. Почивај во мир. А колку што ме вознемири веста за неговата смрт ме вознемири и односот на Управниот Одбор на ЗНМ кој вчера најбезобразно му соопштил на Саше дека не е веќе член на здружението (за 5 години) оти бил член на државна комисија за помилување во која и претходно членувал наш колега, но не беше избришан од списокот на ЗНМ. За мене раководството на ЗНМ е збир на група луѓе со лични агенди и двојни аршини особено дрско кон новинарите како Саше кои немаат влакна на јазикот“, напиша Лупевска-Созен на Фејсбук.
Новинарот во БИРН, Васко Маглешов, кој важеше за еден од најблиските пријатели на Димовски, во разговор за Плусинфо открива дека Саше бил убеден дека членувањето во Комисијата за помилување не претставува судир на интереси со членувањето во ЗНМ.
Ми кажа за одлуката на Управниот одбор на ЗНМ за неговата суспензија од функцијата член и претседател на Советот на честа. Стекнав впечаток дека беше разочаран, зашто, без воопшто да го консултираат, колегите донеле таква одлука. Му се јавиле да му соопштат откако Управниот одбор заседавал.
– Се чувме три дена пред да почине. Во влошена здравствена состојба со итна помош го примиле во болница. Рече дека е во ред и дека најдоцна до вторник ќе го пуштат. Мислев дека ова е една од оние чести болнички посети од кои ќе излезе како победник, но се одјави прерано. Во тој разговор ми кажа за одлуката на Управниот одбор на ЗНМ за неговата суспензија од функцијата член и претседател на Советот на честа. Стекнав впечаток дека беше разочаран, зашто, без воопшто да го консултираат, колегите донеле таква одлука. Му се јавиле да му соопштат откако Управниот одбор заседавал. Беше убеден дека нема никаков судир на интереси. Неговиот бистар правен резон се движеше во насока на тоа дека тој не е избрано и именувано лице, туку дека е дел од Комисија за помилување, која треба да го ползува неговото знаење и искуство од правосудството како сектор што посветено го следеше со години. Како што рече и самиот, голем број колеги биле, или се членови на собраниската Комисија за доделување државни награди за публицистика, па не се сеќава дека на некој од нив му било замрзнато членството. Рече дека не станува збор за вработување, туку за повремен ангажман кога ќе има барања за помилување. Беше многу среќен за честа што му е укажана – ни раскажа Маглешов.
И новинарот на Слободен печат, Срѓан Ивановиќ, вели дека потегот на ЗНМ несомнено предизвикал непријатна атмосфера помеѓу новинарите.
– Не сум запознаен со случајот во детали, но знам дека дел од колегите на „нож“ го дочекаа неговото именување во Комисијата за помилување кај претседателката на државата. Тоа ме зачуди бидејќи Саше не беше првиот новинар што бил поставуван на одредена позиција, а досега не се сеќавам дека имало слични реакции. Не знам дали тоа предизвикало емотивни реакции кај него, но морам да потенцирам дека беше предизвикана непријатна атмосфера во кулоарите на нашата професија – ни изјави Ивановиќ.
Новинарката Емилија Мисерлиевски од Телма, која е дел од Советот на честа со кој раководеше Димовски, преку статус на Фејсбук сведочи за неговата вознемиреност во петокот, кога веќе бил примен во болница.
„Во ниеден момент не помислив дека разговорот во петокот ќе ни биде последен! Беше толку вознемирен! Ах, бе Саше! Ќе ми недостига твојата острумност, мудрост и бунтовност, нема друг во еснафот со таков порив да ги оправа работите во новинарството! Нека ти е вечна слава, другарче, остави силен печат во Советот на честа, колку тоа некому да пречеше!“, напиша Мисерлиевски.
Димовски почина на 47-годишна возраст по долги и тешки здравствени проблеми. Ја следеше работата во правосудниот систем и важеше за голем познавач на правото.
Работеше како новинар од 1996 година во телевизиите Сител, Канал 5 и ТВ 24 Вести. Работел во неделникот и дневниот весник „Фокус“ на позиција новинар и уредник.
Соработувал со повеќе дневни и неделни изданија, локални и регионални телевизиски медиуми. Основач е на граѓанската организација и онлајн медиумот Сведок од 2015 година.