ЌЕ ГИ ОБЈАВИМЕ СИТЕ ДЕТАЛИ ЗА СМРТТА НА 6-ГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ, ШТОМ ЌЕ ГИ ИМАМЕ Ковачевски ветува целосна транспарентност за случајот во битолската болница
Родителите на девојчето се уверени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9.
Откако надлежните институции ќе ги имаат сите детали за причината на смртта на шестгодишното девојче во Клиничката болница во Битола ќе бидат споделени со јавноста, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Врз основа на факти, потенцира тој, треба да се да се утврди што се случило таму и врз основа на тие факти да се изречат соодветни санкции, таму каде што ќе биде потребно.
– Разговаравме и вчера и утрово со министерот за здравство. Тука е и директорката на ДЗСИ, а веќе е отпочнат и вонреден надзор за тоа што се има случено во Битола. Директорот на битолската болница веќе е на пат за Скопје каде што ќе има состанок и со министерот и со заменик министерот за здравство, а дополнително, информирано е и Јавното обвинителство во однос на овој случај – рече премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје.
Министерот за здравство Фатимр Меџити посочи дека постапиле веднаш уште вчера кога ги добиле првите информации за случката во Битола.
– Го чекаме исходот од надлежните служби, од ДЗСИ и инспекторите и веднаш уште во текот на денот ќе бидете известени. Сè уште не сме стапиле во контакт со семејството на девојчето. Прво чекаме да видиме во што е грешката – истакна Меџити.
Од Јавното обвинителство, пак, денеска информираа дека Основното јавно обвинителство Битола издало наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки и дека сè уште не е утврдена причината за смртта на девојчето.
Девојче на шестгодишна возраст, кое живее во битолското село Кравари, вчера почина за време на лекарски преглед и пружање здравствена помош во ЈЗУ Клиничка болница – Битола. Како што информираа од Болницата, направена е обдукција на Одделението за патологија, а резултатите се очекува да пристигнат за десет дена.
Директорот на битолската болница Александар Обедниковски рече дека девојчето било донесено во болницата во 10 часот вчераутро, дехидрирано, со покачена температура, повраќање и со оток на очите. Тој вели дека тие само се обиделе да го рехидририаат.
Родителите на девојчето се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузија, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.