Ќе фрчат казни за групирање и неносење маска во местата со повеќе новозаболени
Владата ги задолжи МВР и инспекторатите да вршат засилени контроли за групирање и неносење маска. А секое прекршување на одредбите од решението за изолација ќе биде санкционирано со државен карантин.
Владата на Република Северна Македонија на денешната 63-та седница во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19 заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.
Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести.
Во оваа насока, Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.
Инаку уште претходно со Уредбата е регулирано дека глобата за физичките лица коишто нема да ја почитуваат мерката за носење маска е 20 евра, за правното лице 2.000 евра, а за одговорното лице во правното лице 500 евра.