ДВАЈЦАТА УАПСЕНИ ДЕЛУМНО ПРИЗНАА ВИНА Сѐ уште нема трага од украдениот накит во Лувр вреден 88 милиони евра
Двајца уапсени признале делумна вина за грабежот на кралскиот накит од Лувр, вреден 88 милиони евра – полицијата сè уште трага по останатите членови на групата.
Двајца мажи уапсени во врска со грабежот на францускиот кралски накит од Лувр делумно признале вина, потврдија француските обвинители. Украдени се експонати вредни 88 милиони евра, меѓу кои и круна на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III.
Осомничените, на возраст од триесетина години, се дел од група која со електрични алати провалила во Галеријата Аполон и за само неколку минути го извршила најголемиот музејски грабеж во последната деценија.
– Сè уште се надевам дека накитот ќе биде пронајден и вратен на нацијата – изјави париската обвинителка Лор Бекио, додавајќи дека накитот не може легално да се продаде и секој што ќе се обиде тоа да го направи, ќе одговара за прикривање украдена стока.
Еден од уапсените бил приведен на аеродром додека се обидувал да побегне во Алжир, додека другиот, според обвинителството, не планирал да ја напушти земјата.
Во потрагата по сторителите учествувале над 100 истражители, кои анализирале повеќе од 150 ДНК примероци и докази како ракавици, кациги и елеци.
Полицијата открила дека крадците користеле украдена камионска дигалка со која влегле во музејот во 9:30 часот, искршиле две сигурносни витрини, украле девет предмети и исчезнале за седум минути на два скутери.
По инцидентот, Франција ги засили безбедносните мерки во сите културни институции, а највредните експонати на Лувр се префрлени во сефовите на Банката на Франција, 26 метри под земја.
Случајот откри сериозни пропусти во безбедносниот систем на музејот — камерите имале истечена дозвола, а алармот не се активирал. Полицијата добила прва дојава не од музејот, туку од велоcипедист кој ги забележал крадците на улица.