ДУИ ЈА ПРОДАДЕ АЛБАНСКАТА ДИЈАСПОРА Вреди со жестоки обвинувања за пописот во 2021 година

Коалицијата Вреди прашува кој стои зад одлуката албанската дијаспора да биде избришана од пописот во 2021 година и дали Албанците биле жртвувани во политички зделки. Од таму најавуваат дека ќе бараат кривична одговорност за сите кои, без законска основа, ја вовеле категоријата „нерезиденти“ и намерно ја исклучиле дијаспората од официјалната статистика.

670

Коалицијата Вреди остро реагира на молкот на ДУИ по одлуката на Уставниот суд, кој ја прогласи за неуставна поделбата на населението во пописот од 2021 година на „резиденти“ и на „нерезиденти“.

„Кој ја донесе одлуката да биде избришана албанската дијаспора од пописот на населението во 2021 година? По која цена беа продадени Албанците во овие валкани зделки?“, прашуваат од коалицијата, истакнувајќи дека Вреди ќе бара кривична одговорност за сите кои ја измислиле категоријата „нерезиденти“ и така, без правна основа, ја исклучиле дијаспората од официјалните податоци.






Вреди истакнува дека не се разговарало за нов попис пред да дојде редовниот рок и дека евентуален иден попис мора да произлезе од „длабинска анализа и од политички консензус“. Според Вреди, тој попис мора да ја исправи, како што велат од коалицијата, измамата на СДСМ и ДУИ и да гарантира праведен и инклузивен процес.

„Вреди останува цврсто во одбрана на албанската дијаспора, која со децении е главен столб на економскиот, социјалниот и на националниот опстанок на Албанците во Северна Македонија. Тие не се ‘нерезиденти’, туку се неразделен дел од нашата нација и директен придонесувач за развојот на нашата земја“, се наведува во реакцијата.

Според Вреди, „предавството што ДУИ го изврши против дијаспората никогаш нема да се заборави“, но одлуката на Уставниот суд, велат, значи враќање на достоинството на Албанците.

„Ова е победа за вистината и за правдата. Албанската дијаспора претставува и ќе продолжи да претставува легитимен дел од националниот процес на донесување одлуки. Вреди секогаш ќе стои на нејзина страна“, порачуваат од коалицијата.

Поврзани содржини