ДРАСТИЧНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ГОРИВАТА ОД ПОЛНОЌ Дизелот поскапува за шест денари, бензините за три

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за ново поскапување на горивата. Дизелот поскапува за шест денари, а бензините за три. Новите цени стапуваат во сила од 21 јули на полноќ.

600

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,88 проценти во однос на претходната одлука од 13 јули. Новите цени ќе важат од 21 јули 2026 година во 00:01 часот.

Најголемо поскапување има кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), чија цена се зголемува за шест денари по литар и од полноќ ќе изнесува 94 денари.






Цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за по три денари, па литар БС-95 ќе чини 90 денари, а БС-98 ќе се продава по 92 денари.

Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија цена се зголемува за седум денари, на 93 денари за литар.

Новата цена на мазутот М-1 НС ќе изнесува 45,373 денари за килограм, што претставува зголемување од 3,205 денари.

Од Регулаторната комисија појаснуваат дека новата одлука е донесена поради растот на цените на светските пазари.

„Зголемувањето на цените е резултат на растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, кои во однос на претходната пресметка се повисоки кај бензините за 9,003 проценти, кај дизелот за 14,963 проценти, кај екстра лесното масло за 13,2 проценти и кај мазутот за 10,686 проценти“, соопштија од РКЕ.

Во Комисијата посочуваат дека во новата пресметка е вклучена и одлуката на Владата за намалување на акцизите, со која акцизата за бензините е намалена за еден денар по литар, а за дизелот за два денари по литар.

„Во пресметката е применета и одлуката на Владата за намалување на акцизата за бензините за 1 денар по литар и за дизелот за 2 денари по литар“, наведуваат од Регулаторната комисија.

Од РКЕ потсетуваат дека цените што ги утврдуваат се максимални малопродажни цени, а трговците можат да продаваат горива и по пониски цени.

„Утврдените цени се максимални, а трговците на големо и мало можат да формираат и пониски цени за одделни нафтени деривати и горива за транспорт“, додаваат од Комисијата.

Поврзани содржини