ДРАМА ВО СТОМАТОЛОШКА ОРДИНАЦИЈА Двајца скопјани се обиделе да изнудат 5.000 евра од стоматолог
Полицијата уапси еден од нив, а Обвинителството поведе истрага за случајот.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело „изнуда“ во обид и за соизвршителство.
Обвинителството соопшти дека осомничениот 33-годишен скопјанец, заедно со уште едно лице кое уште не е идентификувано, со сила и сериозна закана се обиделе да принудат стоматолог да им исплати 5.000 евра.
„Откако претходниот ден осомничениот се јавил и закажал термин како пациент во ординацијата, на 29 јануари двајцата соизвршители дошле на закажаниот термин. Осомничениот од неговиот мобилен телефон му покажал на стоматологот видео клип со наводно компромитирачка содржина и побарал од него 5.000 евра за да не го објави. Во тој момент оштетениот започнал да го снима разговорот со неговиот мобилен телефон. Осомничениот го забележал, му го одзел телефонот и го избришал снимениот разговор. Потоа го натерал оштетениот заедно да излезат од ординацијата и се обиделе насилно да го внесат во автомобил. Оштетениот одбил, по што осомничениот му се заканил уште еднаш дека ќе треба и дополнително да плати затоа што ги снимал, па двајцата сторители заминале во непознат правец“, појаснуваат од ОЈО.
Оттаму информираат и дека се преземаат дејствија за откривање на идентитетот на вториот осомничен.
„За првиот осомничен јавниот обвинител предложи да бидат определени мерки на претпазливост – обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за нејзино издавање, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетениот“, информираат од ОЈО.