Драги Рашковски е осомничен дека со умисла злоупотребил повеќе од 170.000 евра народни пари

Обвинителството денеска објасни дека во истрагата дошло до сознанија дека пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, Рашковски ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот и доставил сопствен патент за кој  дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка.

2,697

Драги Рашковски, до пред два дена секретар во кабинетот на премиерот Зоран Заев е обвинет дека ја злоупотребил службената положба и овластување и го оштетил буџетот во вкупен износ од 11.018.321 денари, односно 178.868 евра, народни пари. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција тврди дека Рашковски, кој беше и генерален секретар на владата со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на кривично дело.

Тој, како што појаснува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кривичното дело го извршил во периодот од  јануари 2019 година до јули 2020 година, како службено лице, а му помогнале уште други тројца кои исто така се осомничени.






Поранешниот генерален секреар на Владата се терети дека сторил злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.

Обвинителството денеска објасни дека во истрагата дошло до сознанија дека пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, Рашковски ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот и доставил сопствен патент за кој  дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка.

„Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот.

На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300,00 денари со вклучен 18 отсто ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран,  фактурата во рок од седум дена била исплатена“, вели Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција

Летото 2019 година, првоосомничениот донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот иако  во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000 денари со вклучен 18 отсто ДДВ и од 4.605.021 денари со вклучен ДДВ.

Со дејствијата што ги извршил, Обвинителството смета дека, првоосомничениот Рашковски со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321 денари.

Надлежниот јавен обвинител поради опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци побара мерка притвор. Во моментов Рашковски е на распит во Кривичниот суд.

Поврзани содржини