ДРАГАН КОВАЧКИ Е НОВ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР Мицкоски го претстави новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски најави дека партијата ќе продолжи со отворање кон нови идеи и кадри, со фокус на транспарентност, инклузивност и подобрување на организацијата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го претстави новиот состав на Извршниот комитет на партијата, како и новиот генерален секретар, во рамките на процесот на обнова, јакнење и модернизација на партијата.
– Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата. Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните – изјави Мицкоски пред присутните медиуми.
Како што најави, партијата ќе продолжи со отворање кон нови идеи и кадри, со фокус на транспарентност, инклузивност и подобрување на организацијата.
– Во периодот што следува, ќе имаме избор на претседатели на општинските комитети, како и нови раководства на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани, со јасна визија за иднината и со фокус на квалитет, одговорност и резултати – додаде Мицкоски.
Нов генерален секретар е пратеникот Драган Ковачки, додека новиот Извршен комитет се составува од искусни партиски лица и нови членови, вклучувајќи: Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Рашела Мизхархи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николоски.
Дополнително, во составот ќе се приклучат новите претседатели на Унијата на жени, Унијата на млади сили и Унијата на ветерани, како и организацискиот секретар Ивица Томовски и шефот на кабинетот Владимир Нелоски.
– Во услови кога опозицијата не нуди решенија и е целосно безидејна, знаеме дека решението е силен граѓански инпут за стабилна и обединета ВМРО-ДПМНЕ. Продолжуваме по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани – заклучи Мицкоски.