ДОНЕСЕНИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ КОИ ЗНАЧАТ ПОВЕЌЕ АМБАСАДОРИ И НИВЕН ПОДОЛГ МАНДАТ Се уредува и процедурата за именување амбасадори
Измените предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на својот Фејсбук профил.
Собранието ги усвои измените на Законот за надворешни работи кои се суштински за да се професионализира дипломатијата, информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Измените предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка. Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство, доколку постои посебен интерес за државата”, напиша министерот во објавата на Фејсбук.
Според Муцунски, по повеќе од една деценија се прават суштински измени, со кои се воспоставува јасна законска рамка за реализација на два клучни приоритета: професионализација на дипломатската служба и воспоставување на надлежностите на Министерството во областа на надворешната трговија и инвестициите.
„Со измените се овозможува Министерството системски да ги преземе обврските поврзани со креирање политики за надворешна трговија и инвестиции – сегмент кој досега не беше институционално прецизиран со ниту еден друг закон.
Ова претставува важен чекор кон професионализација на дипломатијата, подобрување на условите за работа на македонските дипломати во странство, како и соодветно позиционирање на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на надворешната трговија и инвестициите”, заклучи министерот Муцунски во објавата.