ДОМАШНАТА Е-ТРГОВИЈА ВО ПОДЕМ Направен промет од 156 милиони евра во првиот квартал
Иако вкупната вредност на онлајн купувањата продолжува да расте, анализата покажува дека просечната вредност на една трансакција кај домашните е-продавници благо се намалува.
Вкупната вредност на онлајн трансакциите во првиот квартал од годинава изнесува 266 милиони евра, што претставува раст од 18,1% во однос на истиот период минатата година. Во оваа вредност се вклучени онлајн купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, како и купувањата на странски потрошувачи кај македонските е-трговци, соопшти Асоцијацијата на е-тровци.
Притоа во македонските е- продавници завршиле 156 милиони евра, од кои повеќе од 140 милиони евра се на домашни потрошувачи и 16,2 милиони евра на странски купувачи.
Македонските потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски е-продавници, при што во првиот квартал реализирале онлајн трансакции во вредност од 109,7 милиони евра, што претставува раст од 20,3% во однос на истиот период минатата година.
Покрај растот на вредноста, продолжува да расте и бројот на онлајн купувања кое во првиот квартал од годинава е зголемено за 16,4% во однос на истиот период минатата година. Притоа, кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции е зголемена за 17,5% во однос на лани.
Од Асоцијацијата забележуваат дека иако вкупната вредност на онлајн купувањата продолжува да расте, анализата покажува дека просечната вредност на една трансакција кај домашните е-продавници благо се намалува.
Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се намалила од 36 на 35,3 евра односно за 2,2%. Овој тренд е во согласност со фактот дека бројот на трансакции расте побрзо од нивната вкупна вредност што укажува дека македонските потрошувачи трошат помалку по трансакција кај домашните продавници. Кај странските картички кон домашните е-трговци, просечната вредност се намалила од 41,3 на 37,9 евра што исто така укажува дека странските купувачи реализираат повеќе поединечни купувања.
Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност пораснала од 31,3 на 33,6 евра.
Вкупно, просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала 34,7 евра, што претставува раст од 1,5% во однос на истиот период минатата година.
Во текот на првото тромесечје од 2026 година, регистрирани се 59 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот.