ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАТА ЌЕ СЕ ВРАТАТ ПАЦИЕНТИ ОД АВСТРИЈА И ОД БЕЛГИЈА Изготвен е протокол за да се заштити нивното здравје
Изготвен е протокол од страна на стручни медицински лица, кој е споделен со болниците преку дипломатско-конзуларните претставништва. Согласно најавите, се очекува до крајот на неделата да се вратат уште неколку пациенти, но, како што подвлече министерот за надворешни работи, нема да се дозволи ни минимален ризик по нивното здравје.
Во вечерашното гостување во централниот дневник на Сител телевизија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, говореше за лекувањето на македонските пациенти во странство, како и за тековниот процес на нивно враќање во државата.
– Во моменти кога ќе се соочите со болката на семејствата на загинатите, недостигаат вистинските зборови. Но, добро е што по ваква трагедија има и светли точки – младото момче Јован кое херојски се жртвуваше за да помогне, и пациентот кој денеска се врати дома од лекување – првиот што се враќа по ваква тешка здравствена борба – истакна министерот Муцунски.
Тој информираше дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го започна процесот на враќање на пациентите и нивните семејства. Изготвен е протокол од страна на стручни медицински лица, кој е споделен со болниците преку дипломатско-конзуларните претставништва. Согласно најавите, се очекува до крајот на неделата да се вратат уште неколку пациенти, но, како што подвлече министерот, нема да се дозволи ни минимален ризик по нивното здравје.
– Ова е комплексен логистички процес, но сметам дека пациентите и нивните најблиски добија соодветна поддршка, со оглед на сериозноста на ситуацијата. Од досегашните посети можам да потврдам дека имаат квалитетна здравствена услуга, искрено внимание и чувство дека нашите деца се третираат како нивни – додаде тој.
Министерот упати и искрена благодарност до сите држави кои пружија медицинска и логистичка помош.
– Солидарноста што ја добивме не беше само на зборови – туку солидарност на дело. Благодарни сме и на нивните влади и на нивните народи што ги отворија вратите и ги примија нашите сограѓани. Веќе размислуваме како Влада да се заблагодариме – затоа што искрено сме благодарни за тоа што го направија – истакна Муцунски.
Муцунски посочи дека следен голем предизвик е враќањето во нормала на животот во Кочани.
– Треба да размислиме што понатаму ќе направиме за нив, за нивните семејства, но и за Кочани – за градот повторно да живее добри денови, во почит кон тие што таму загинаа – заклучи министерот.
Тој најави дека до крајот на оваа недела ќе се вратат неколку пациенти кои се на лекување во Австрија и во Белгија, но потенцира дека тоа ќе се прави согласно медицинските протоколи и без ниту најмал ризик по нивното здравје.
Муцунски како дел од Кризниот штаб и шеф на дипломатијата посети повеќе земји во чии болници беа примени и се лекуваа повредени од катастрофалниот пожар во Кочани. Тој вечерва уште еднаш упати искрена благодарност до сите земји кои ни излегоа во пресрет во многу краток период со медицинска и логистичка помош.
– Многу држави ни помогнаа со апсорбција на нашите пациенти во нивните болчници. Но имаше и држави како Израел кој ни помогна со испраќање на специјалисти тука. Би издвоил земји како Романија, Луксембург и Норвешка кои ни упатија специјализирани авиони. Има земји каде нема пациенти, но, на кои сме им искрено благодарни бидејќи ни помогнаа на еден сигурен и ефикасен начин над сто пациенти да ги упатиме безбедно во странски медицински центри – рече Муцунски.