„ДОЈДЕ ВРЕМЕ ЗА ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ АЛБАНЕЦ“ Бујар Османи и официјално стана претседателски кандидат на ДУИ
Нашата иднина е во ЕУ и ова мора да им го исполниме на граѓаните. Мора да го запреме одливот на младите, мора да се инвестира во економијата, мора да се вложува во образованието согласно светските стандарди - рече Османи.
Предизвиците се големи, но и можностите се големи, битно е да биде вистинскиот човек на вистинска функција, порача вечерва кандидатот на ДУИ за претседател на државата и актуелен министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Во Спортско-рекреативниот центар (СРЦ) „Кале”, каде под мотото „Дојде време за првиот претседател Албанец“ се одржуваше партиската конвенција, Османи вети дека со севкупниот дипломатски багаж ќе се бори за да се подобрат состојбите во земјата.
– За време на мандатот како вицепремиер за европски прашања и неодамна како министер за надворешни работи, особено како претседавач со ОБСЕ, имав привилегија да ја претставувам нашата Република на светската сцена и да работам со меѓународната дипломатија за глобален мир, истовремено подигајќи ги интересите на нашата држава. Јасен сум за новите перспективи каде што мора да се фокусираме за да ги отстраниме бариерите кои сè уште не оддалечуваат од широкиот пат на напредок и развој што ги нуди 21-от век. Како активен член на албанскиот народ и како посветен граѓанин на Република Северна Македонија, имам богато искуство, силна волја и нова визија да го подигнам угледот на нашата држава повисоко, воспоставувајќи соодветни партнерства и зголемување на пријателите, со кои ги обединуваат нашите вредности на меѓународната сцена, заедно да го направиме патот за градење на иднината на нашите граѓани. Докажавме дека можеме да имаме успешен претседател на Собранието, успешен премиер, сега на нас, на нашата генерација е да докажеме дека можеме да имаме и успешен претседател на Републиката. Претседател кој ќе обединува, но и претседател кој ќе се грижи за институциите и почитувањето на уставниот поредок – рече Османи.
Тој напомена и дека ја има добиено „севкупната надворешна поддршка“.
По Османи, пред присутните се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Говорот го започнав со златните зборови од Есат Мекули, бидејќи помалку од четири реда ја раскажуваат целата историја на Албанците во поранешна Југославија. Порано го имаа тоа време за објаснување, но тоа време заврши. Веќе не гледаат како објаснување туку како премиер, како претседател. Во амфитеатарот каде се правеа антиалбански планови, денес имаме ученици Албанци, плановите на Младиќ пропаднаа, бидејќи секое достигнување го добивме со крв. Денеска го имаме Младиќ во Хаг и се радуваме овде во оваа сала. ДУИ, 22 години не знае за пораз, ние ја добивме секоја битка и воено и тактички. Заедно со народот постигнуваме се, ние со народот изградивме тврдина која не се урива, со знаме, јазик, традиција, историја, универзитети, па докажуваме дека сме способни и секогаш победници. ДУИ ги крена кадрите за оваа држава, за овој народ, така што ова е најголемата инвестиција што ја направивме. Не е лесно да се мерат со ДУИ, бидејќи сите инвестиравте во националните капитални дела, кои никој не може да ги откорне – рече Ахмети.
На конвенцијата кусо зборуваше и Талат Џафери, а пред почетокот се обрати и Фатмир Бесими.
– Ова е иницијатива на ДУИ, на сите да им покаже каде припаѓа. Али Ахмети во кампањата предупреди дека на ред е првиот албански премиер, тој тоа го кажа, па кажаното беше и направено. Кој мисли дека ќе ги сруши ДУИ и Али Ахмети греши, бидејќи неговото име потекнува од војна, работа и искреност. Од нас излегоа оние кои не се посакувани денес, но за неколку дена ќе им покажеме на сите кој каде припаѓа. Се собравме да кажеме јасно, “НЕ” РУСИЈА, “ДА” за ЕВРОПА. За Европа и со Европа, заедно со Бујар Османи. Оној кој доброволно не претставуваше во ОБСЕ и МНР. Бујар ќе ни биде домаќин на 24 април, на 8 мај, додека на 9 мај не очекува големата прослава – истакна пред присутните премиерот, Талат Џафери.
Покрај високото партиско раководство, на конвенцијата беа присутни членови на партијата, симпатизари и гости.
Според Државната изборна комисија (ДИК), Османи ги собра потребните 10 000 потписи од граѓаните заклучно со 26 февруари годинава. За него до 20 часот тој ден се потпишале 10 528 граѓани. Податоците на ДИК од 7 март до 20 часот покажуваат дека Османи има собрано 11.085 потписи.
Информацијата дека Османи ќе биде претседателски кандидат на ДУИ на претстојните избори ја соопшти партискиот лидер Али Ахмети од седиштето во Мала Речица.
Министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ, Османи, најави дека меѓу темите на неговата кампања ќе бидат уставните измени за впишување на Бугарите и изборот на претседател на државата во Собранието. Тој очекува влез во вториот круг. Својата програма, како што рече, ја работел со домашни и меѓународни експерти, како претседателски кандидат ќе има своја веб страница и ќе им се обраќа на сите граѓани без оглед на етничката припадност.