ДО 20 ГОДИНИ ЗАТВОР Е КАЗНАТА ЗА ТЕШКИ ДЕЛА ПРОТИВ ОПШТАТА БЕЗБЕДНОСТ Коцевски вели дека сите докази за дискотеката упатуваат на ова кривично дело

Се истражува давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела - вели Коцевски и додава дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сеопфатна.

1,110

Сите докази досега упатуваат на тешки дела против општата безбедност поради директно загрозување на животот и телото на луѓето за што е предвидена казна до 20 години, вели во интервју за белградска „Политика“ државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски.

– Доказите кои секој ден ги собираме укажуваат на тоа дека коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Дали и како може да се спречеше ваков епилог? Би рекол, можеби. Но, сега е на нас да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните за оваа катастрофа и да спречиме да се повтори ваква трагедија – вели Коцевски.






Според него, ова е колективна трагедија која нашиот народ тешко ја поднесува.

– Сè ќе провериме во рамки на истрагата. Сите тие закони и прописи постоеле на хартија, а досега не сме пронашле скоро ниеден кој бил почитуван. До овој момент, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се исто така во притвор. Доказите се собираат во изјави и во материјален облик, но и во форма на експертизи и стручни мислења од одредени области. Сите овие докази досега упатуваат на сомневање за основно кривично дело – тешки дела против општа безбедност поради директно загрозување на животот и телото на лица, за што е предвидена казна до 20 години. Се истражува давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела – вели Коцевски и додава дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сеопфатна.

Коцевски вели дека ќе одговараат и тие кои со неработење и непочитување на службените должности сносат дел од вината за катастрофата.

– Предолго се толерирало непочитувањето на законот, а исходот е поразувачки за сите нас. Сега сите бараат правда и правдата мора да биде задоволена – вели Коцевски

Поврзани содржини