ДНО – ТОА Е РЕЗУЛТАТОТ НА СДСМ НА ОВИЕ ИЗБОРИ Оливер Спасовски заговара реформи во партијата и создавање опозициски фронт
Во интервју за Алсат-М, Спасовски оцени дека СДСМ мора да спроведе темелна реформа во три насоки: редефинирање на политичката платформа, промена на организациската структура и зајакнување на коалицискиот капацитет.
Резултатот од локалните избори е најлош во историјата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, изјави пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за телевизија Алсат-М. Тој порача дека партијата се наоѓа во сериозна криза која бара длабока анализа и редефинирање на нејзините политики.
– Резултатот од 126.000 гласови претставува дно и јас би сакал тоа да биде дното на кое сите ќе застанеме. Тоа ме загрижува, но и мотивира да видиме што треба да се направи понатаму – изјави Спасовски.
Тој нагласи дека СДСМ останува идеја со длабоки корени во македонското општество, но дека за нејзино опстојување се неопходни суштински промени – не само во кадровскиот состав, туку и во пристапот.
– Персоналните решенија во овој момент нема да ја решат работата. Ако мислиме дека само со заменување личности ќе дојдеме до посакуваниот ефект, тоа е погрешна логика – предупреди Спасовски, додавајќи дека не сака да навлегува во дебати за конкретни кадровски промени.
На прашањето дали ќе бара оставка или одговорност од актуелниот партиски лидер Венко Филипче, Спасовски одговори дека секој што се кандидирал за претседател презел одговорност и за најдобрите и за најлошите резултати.
– Оставките се личен чин, длабоко морален и високо етички. Но решението не е во јавни повици и медиумски дебати, туку во сериозна внатрепартиска анализа и разговор во рамките на партиските органи – изјави тој.
Спасовски оцени дека СДСМ мора да спроведе темелна реформа во три насоки: редефинирање на политичката платформа, промена на организациската структура и зајакнување на коалицискиот капацитет.
– Без внатрешна дебата нема да има ни решение. Имаме капацитет да разговараме и да го избереме она што е најдобро за СДСМ – рече тој.
Во врска со тврдењата за „таен договор“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за исходот на изборите, Спасовски предупреди дека перцепцијата е најопасното оружје во политиката.
– Кога една перцепција ќе се создаде, а не ја менувате, таа станува вистина. Сега се создаде перцепција за некаква соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ние мора да ја разбиеме ако тоа не е вистина – изјави тој.
Тој посочи дека е направена сериозна грешка што СДСМ немал свои кандидати за градоначалници во дел од општините, меѓу кои Кичево и Струга, што придонело за послаб изборен резултат.
– Ако имавме кандидати во сите општини, ќе имавме поинаков резултат и на советничките листи. Сакаме да се бориме за СДСМ, а не против некого – порача Спасовски.
Тој смета дека во вториот изборен круг требало да се обезбеди соработка со сите што не ја поддржуваат власта, а неутралниот став и оставената слобода за одлучување направиле штета на партијата.
– СДСМ мора да има јасен став и порака до членството. Не станува збор за соработка со ДУИ, туку за создавање опозициски фронт – истакна Спасовски.
Tој ја предупреди ВМРО-ДПМНЕ дека апсолутната власт секогаш претставува и врв и почеток на падот.