ДИВИТЕ РЕНОВИРАЊА ВО ПОСЛЕДНАТА ГОДИНА КЛУЧНА ПРИЧИНА ЗА КОЧАНСКАТА ТРАГЕДИЈА Тезата на Обвинителството за „командна одговорност“ се распаѓа како кула од хартија

Наместо фокус на конкретните одлуки на менаџментот на дискотеката, кој ги заклучувал излезите за да крие малолетници и да го преполни објектот над безбедносниот лимит, обвинението останува заглавено во обидот да најде каузалност во „архивските објекти“ од 2012 година, игнорирајќи ја живата вистина која сведоците ја посочуваат во реновираниот „Пулс“ од 2025 година.

172

Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ секојдневно се разоткрива пред очите на јавноста, како комплексен мозаик од технички хаос и човечко страдање, каде секое ново рочиште дополнително ја зацврстува тезата дека вистинските причини за смртта на 63 млади лица лежат во непосредната небрежност и реконструкциите превземани своеволно од страна на сопствениците на дискотеката.

Нови морничави сведоштва






Вчерашното рочиште од судскиот процес понуди морничави сведоштва на пожарникарите и на преживеаните, кои прецизно ја исцртаа сликата на еден објект свесно претворен во стапица, преку радикални реновирања извршени само една година пред кобниот настан, што директно ја урива теоријата на Обвинителството за системски пропусти во далечното минато.

Преживеаните млади луѓе, меѓу кои и Бранислав Веселинов и Сара Велинова, пред судот посведочија за она што веќе станува непобитен факт во оваа постапка – дека „внатрешноста на дискотеката била реновирана во последната година“, при што плафонот бил спуштен значително пониско и обложен со специфичен материјал – сунѓер. Оваа „естетска“ измена го довела лесно запаливиот аудио-изолационен материјал во непосредна близина на пиротехничките средства кои редовно се користеле како пракса за забава.

Кога огнените прскалки биле активирани, пламенот, поради нискиот таван, веднаш го зафатил сунѓерот, предизвикувајќи пожар со „екстремна брзина, буквално за неколку секунди“. Додека пламените јазици го голтале нискиот таван, во внатрешноста настанало хаотично стампедо во кое никој од персоналот или обезбедувањето не давал насоки за евакуација.

Шокантно откритие – имало хидрант, немало вентил?!

Професионализмот на Територијалната противпожарна единица од Кочани, која пристигнала на местото на настанот за само пет минути, се соочил со ненадминливи технички пречки во внатрешноста на објектот, каде „излезната врата била буквално покриена со сепариња“. Командирот Драган Апостолов и пожарникарот Благој Паунов опишаа сцени на вистински ужас, каде влезната врата била блокирана од „испреплетени лица“ кои било исклучително тешко да се извлечат.

Шокантно е откритието на командирот дека во објектот постоел хидрант, но „внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме“. Температурата во внатрешноста била толку екстремна што пожарникарите добивале изгореници и пликови, дури и низ специјализираната заштитна опрема, додека глетката на јагленосани тела затегнати во позиции каде „едното се држи за маса, другото потпрено за столб“ ја остави судницата во нем плач.

Ќе се повлечат ли обвиненијата за дел од обвинетите?

Дел од адвокатите и вчера повторно бараа да биде повлечено обвинението за дел од обвинетите, бидејќи, како што рекоа тие, не се директно поврзани со пожарот, ниту пак биле присутни во моментот кога се случила трагедијата.

– Во однос на поголем број луѓе кои што се овде постапката треба да запре, затоа што лица кои што не се присутни таа вечер и не се на должност со конкретни обврски кои што можеле да бидат преземени или непреземени како пропуштање за настанување на самиот пожар и последиците кои што настанале од нив – рече адвокатот Еленко Миланов.

Зошто одговараат луѓе кои немале законска можност и надлежност да вршат инспекциски надзор?

Во сенка на овие фактички докази за директна вина, во судницата продолжува и правната битка која ја разоткрива системската асиметрија во пристапот на државата. Адвокатот Петре Шилегов ја потенцираше контрадикторноста помеѓу двете гранки на истата институција, укажувајќи дека додека ОЈО ГОКК ја запира постапката за полициските службеници со образложение дека „немале законска можност и надлежност да вршат инспекциски надзор“, Јавното обвинителство во овој случај инсистира на прогон на административни службеници за идентични дела. Овој пристап, кој го товари административниот естаблишмент за еден вид „командна одговорност“, според одбраната, претставува „селективна правда“ и непотребно ја чини државата 150.000 евра по рочиште.

Наместо фокус на конкретните одлуки на менаџментот, кој ги заклучувал излезите за да крие малолетници и да го преполни објектот над безбедносниот лимит, обвинението останува заглавено во обидот да најде каузалност во „архивските објекти“ од 2012 година, игнорирајќи ја живата вистина која сведоците ја посочуваат во реновираниот „Пулс“ од 2025 година.

Поврзани содржини