Димовски: Составот на владата е противуставен, му предлагам на Груби да повлече кадри од ДУИ
На СДСМ не им предлагам ништо, зошто оваа влада секако е влада на ДУИ со премиер од СДСМ - напиша на Фејсбк Димовски.
Составот на Владата е спротивен на темелните вредности на Уставот на Република Македонија! Не ја сакам оваа тема затоа што верувам дека квалитетот на човекот во извршување на неговите работни задачи не зависи воопшто од неговата етничка припадност, но кога веќе вториот човек на владата, господинот Артан Груби, ја отвара оваа тема, да ги видиме реалните бројки и да видиме дали тоа е во рамки на Уставот, напиша Илија Димовски поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук.
– Како темелна вредност на државното уредување Уставот на Република Македонија во член 8, алинеја 2 вели и гарантира: „Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.” Во оваа уставна норма има заштита за сите, па и за Македонците и помалите етнички заедници. Составот на владата е спротивен на Уставот на Република Македонија. Ако сакаме европски вредности, треба да ги почитуваме еднакво за сите, не само за себе – пишува Димовски.
Тој според етничката припадност го наведува составот на владата. Членови (Претседател на Влада и министри): 12 Македонци, 8 Албанци. Заменици членови (заменици министри): 8 Албанци, 6 Македонци, 2 Турци. Вкупно: 18 Македонци, 16 Албанци, 2 Турци. Процентуално: 50 отсто Македонци – значително помалку од уставно потребното. 44,44 отсто Албанци – значително повеќе од уставно потребното (на штета на другите). 5, 55 отсто други (само 2 Турци) – двојно помалку од уставно потребното (нема Роми, Срби, Бошњаци и Власи).
– Мој предлог до господинот Артан Груби е да покажат големина и на места на четири членови или заменици членови на владата да ги повлечат своите партиски кадри и да предложат по еден од помалите заедници кои не се претставени во владата. ДУИ да предложи по еден Влав, Србин, Бошњак и Ром и на тој начин ќе ја обезбеди рамноправната застапеност на помалите етнички заедници. На СДСМ не им предлагам ништо, зошто оваа влада секако е влада на ДУИ со премиер од СДСМ – напиша на Фејсбк Димовски.