Серија критики слушнал Заев на Конгресот, Димитриевски нагласил дека СДСМ има лоша слика во јавноста
Првиот човек на Куманово вели дека по промената на Статутот на партијата, голем број партиски членови не се придржувале до слоганот „Транспарентност, отчетност и одговорност“.
На страницата „Оставка на Заев“ на социјалната мрежа „Фејсбук“ денеска се појавија нови аудио снимки од Конгресот на СДСМ на кои се слуша како високи партиски членови го критикуваат раководството на партијата.
Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека партијата се довела на ниво на здружение на поедици. Tој вели дека по промената на Статутот на партијата, голем број партиски членови не се придржувале до слоганот „Транспарентност, отчетност и одговорност“.
– Го променивме Статутот, му дадовме поголеми надлежности и на претседателот на партијата, со можност да номинира и избира претседатели на општински, а потоа дополнително самите да даваат лични предлози за составниот дел на општинските раководства. За жал, од оваа дистанца денеска, а не сакам да верувам во тоа дека е така, гледам дека не сите наши партиски другари го доживуваат или разбираат слоганот „Транспарентност, отчетност и одговорност“. Всушност, за жал, ги трансформираа одредени општински организации, а со тоа делумно и партијата, можеби грешам, во здруженија на мали групи организирани и взаемно поврзани луѓе – вели Димитриевски во снимката.
Градоначалникот на Куманово понатаму вели дека ќе стори сѐ да се промени овој начин на функционирање на партијата.
– Во ниту еден момент не смее да заборави ниту еден наш партиски функционер, носител на јавна, државна и политичка функција дека не смееме да оставиме впечаток дека наликуваме на она против што своевремено се боревме, а за жал, имаме такви примери. Лоши примери коишто во јавноста генерираат лоша слика за нас како политички субјект – вели Димитриевски.
Во втората аудио снимка објавена на страницата „Оставка на Заев“ говори Хазафер Амруловски од Центар Жупа.
Вчера попладне беше блокирана страницата „Рефроми во СДСМ“ на Фејсбук на која се појавија три аудио снимки од Конгресот на СДСМ што се одржа во неделата.