ДИМИТРИЕВСКИ МУ ВОЗВРАТИ НА ЗАЕВ Вистинските социјалдемократи не лажат и не манипулираат, моето исклучување од СДСМ е плод на суета

Јас нема да дозволам демократијата да биде само формална во моето општествено делување, туку така ќе биде практикувана и во реалноста, реагираше актуелниот градоначалник на Општина Куманово и независен кандидат на претстојните локални избори, Максим Димитриевски.

2,336

Актуелниот градоначалник на Општина Куманово и независен кандидат на претстојните локални избори, Максим Димитриевски, остро реагираше на најавата на премиерот Зоран Заев дека на следната седница на Централниот одбор на СДСМ ќе биде констатирано негово исклучување од партијата.

Димитриевски смета дека токму таа изјава на Заев го потврдува неговиот став дека формално-правно сè уште е член на владејачката партија.






„Вистинските социјалдемократи секогаш ја говорат вистината и не се служат со манипулации и со инсинуации. Прашувам, како однапред раководството на СДСМ можело да ги предвиди одлуките на Централниот одбор пред тие да бидат донесени? Дали за ваква внатрепартиска демократија се боревме? Јас нема да дозволам демократијата да биде само формална во моето општествено делување, туку така ќе биде практикувана и во реалноста“, реагираше Димитриевски преку соопштение.

Кумановскиот градоначалник таму наведува дека како и да се произнесат партиските органи, тој по убедување бил и ќе биде социјалдемократ.

„Тврдам дека евентуалната одлука за исклучување е плод на желбите и суетите на поединци на раководството на СДСМ. Како инаку би го објасниле фактот дека стотици членови, активисти и симпатизери ја потпишаа граѓанската иницијатива за моја кандидатура? Зарем и нив ќе ги исклучат? Во едно се сложуваме со господинот Заев, а тоа е дека кумановци знаат што е најдобро за нив и сигурен сум дека на 17 октомври тоа јасно ќе го покажат поддржувајќи ја граѓанската иницијатива ‘За наше Куманово‘ со имплементирање на реална демократија во пракса“, соопшти Димитриевски.

Поврзани содржини