ПРИВЕДЕН ДИЛЕР НА ДРОГА – СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Џ.(33) од с.Требош, општина Желино, поради постоење основи на сомнение дека е сторител на кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Тој, во близина на угостителски објект во Охрид, во неговото патничко возило бил затекнат од полициските службеници како на А.А. од Тетово му овозможува користење кокаин. При преглед, кај пријавениот се пронајдени и одземени кокаин и марихуана.
ИЗНУДУВАЛ ПАРИ – ОВР Струга до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Б.Н.(39) од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Тој, на 10.10.2020 во Струга, на 59-годишен жител на селото Франгово упатувајќи му закани, побарал да му го исплати наводниот паричен долг од неговиот син во износ од 20.000 швајцарски франци.
ДЕВОЈКА НАПАДНАТА ВО ЦЕНТАР – На 17.11.2020 во 23.00 часот А.Ј.(21) од Скопје пријавила дека околу 18.30 часот на подрачјето на Центар била физички нападната од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.
ПРЕСМЕТКА НА БИТ ПАЗАР – На 17.11.2020 во 17.30 часот било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу С.М.(34) и С.М.(38), од една страна и А.И.(39) од друга страна, сите од Скопје. Сочинети се записници за констатиран прекршок по чл.11 од ЗППЈРМ.
КРАДЕЛ ДРВА – ОВР Македонски Брод поднесе кривична пријава против Ѓ.В.(74) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ на дрва, против З.М.(54) од Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против В.К.(46) од с.Битово, Македонски Брод и С.Т.(56) од с.Требино, Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Во текот на мај и јуни 2020 година, првопријавениот ги одвел второпријавениот – инженер во Подрачно шумско стопанство „Сандански“ – Македонски Брод и третопријавениот – шумочувар во истото шумско стопанство, во атар на с.Василковци – Македонски Брод, на катастарска парцела која била во државна сопственост. Второ и третопријавениот, без да утврдат кој е носител на правото на сопственост на парцелата, со службен чекан извршиле маркирање на повеќе дабови стебла. Првопријавениот, откако ги исекол маркираните дабови стебла, исекол и повеќе немаркирани стебла, а четвртопријавениот, референт за извоз на дрвна маса во истото шумско стопанство, исто така, без да изврши проверка, ги жигосал исечените дрва и му издал испратници на првопријавениот за да ја изнесе дрвната маса од парцелата. На тој начин првопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 145.950 денари.
ГО ДОНЕЛЕ МРТОВ ВО ПОЛИКЛИНИКА – На 17.11.2020 во 23.35 часот во СВР Скопје од Итна медицинска помош било пријавено дека на пунктот во Поликлиника „Јане Сандански“ бил донесен Р.Д.(70) од Скопје без знаци на живот. Од страна на лекар била констатирана смрт без траги на насилство. Полициски службеници излегле на местото на настанот, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.
НАПАДНАТ ВО ГАЗИ БАБА – На 17.11.2020 во 12.00 часот, С.М.(23) од Скопје пријавил дека на 13.11.2020 околу 10.00 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат со тврд предмет од М.М. од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.
МАРИХУАНА ВО ТАКСИ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против О.Л.(44) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 23.06.2020 на магистралниот пат Кочани-Делчево, од полициски службеници било запрено такси возило во кое се наоѓал пријавениот со уште три лица. На истите им бил извршен преглед и кај пријавениот била пронајдена марихуана.
НАПАД ВО КОВИД ЦЕНТАР – На 17.11.2020 во 11.30 часот С.С.(34) од Скопје пријавила дека на 13.11.2020 околу 10.30 часот во Градската општа болница „8 Септември“, додека извршувала работни задачи во амбуланта во рамки на Ковид центарот, била физички нападната од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.
НЕ ПОЧИТУВАЛ ДОМАШНА ИЗОЛАЦИЈА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Е.Д.(34) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 17.10.2020 во Делчево од полициски службеници било сопрено патничко возило „опел”, управувано од Е.Д. и по извршени проверки во евиденцијата за лица под здравствен надзор и домашна изолација било констатирано дека на Е.Д. му била изречена мерка за домашна изолација од Центар за јавно здравје Кочани, но тој не постапил според прописите во наведеното решение, со што го сторил кривичното дело.
ШТИПЈАНКА СИ ШЕТАЛА, А ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ДОМА – СВР Штип поднесе кривична пријава против Л.Д.(55) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 03.06.2020 пријавената го напуштила местото на изолација, според издадено решение на 31.05.2020 од страна на ДСЗИ, што било утврдено при редовна контрола од полициски службеници.
ИЗГОРЕ АВТОМОБИЛ – На 18.11.2020 во 03.35 часот било пријавено дека на ул.„Лазо Трповски“ во Скопје настанал пожар во патничко возило „голф“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.А. од Скопје. Од пожарот биле делумно зафатени и две други патнички возила. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Извршен е увид.
ПРЕКРШИЛ САМОИЗОЛАЦИЈА – СВР Штип поднесе кривична пријава против Ј.В.(32) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 24.07.2020 пријавениот го напуштил местото на самоизолација, според издадено решение на 22.07.2020 од страна на ДСЗИ, што било утврдено при редовна контрола од полициски службеници.
(ИЗВАДОК ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 18.11.2020)