ДЕПОНИЈАТА РУСИНО ЌЕ ГО СПАСИ ПОЛОШКИОТ РЕГИОН ОД ДИВИ ДЕПОНИИ Новата механизација значително ќе го зголеми капацитетот за управување со отпад

Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.

0

Модерниот регионален систем за отпад значи крај на дивите депонии и почист Полог, рече министерот за животна средина и просторно планирање Мухамет Хоџа на промоцијата на тешката механизација набавена во рамки на регионалниот проект за управување со цврст отпад во депонијата Русино, во близина на Гостивар.

– Со воспоставувањето на овој систем, конечно, ставаме крај на импровизациите и почнуваме трајно да го решаваме проблемот, кој со децении ги мачи граѓаните на Гостивар, Тетово и сите населени места во овој регион. Немаме повеќе време за делумни решенија што не решаваат ништо. Модерниот регионален систем за отпад значи крај на дивите депонии и почист Полог. Затоа, 2026 година е година кога зелениот пресврт ќе се гледа на терен – во инфраструктурата, во стандардите и во резултатите – рече Хоџа.






Тој рече дека во тек е подготовка на проектна и тендерска документација за рехабилитација и проширување на депонијата Русино. Со заем обезбеден преку Европската банка за обнова и развој и со поддршка од SECO, WBIF и владата на Шведска преку СИДА почната е најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад.

Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој. Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.

Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија, соопшти министерот Хоџа.

На пригодната церемонија присуствуваа и повеќето градоначалници од Полошкиот регион и раководители на комуналните претпријатија.

Амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер, во обраќањето напомена дека Швајцарија ги поддржува подобрувањата во услугите за управување со отпад во Полошкиот Регион.

– Остануваат уште неколку важни задачи за успешно да се заврши втората фаза од проектот. Најпрвин би требало техничката и тендерската документација за реконструкцијата на депонијата Русино да бидат изработени и работите да се подготват за тендер до септември 2026 година. Веќе во март 2026 година тендерот за работите на трансфер-станицата во Тетово би требало повторно да биде објавен. Уште една задача за март: тогаш ќе треба да се објави тендерот за набавка на камиони, контејнери и канти за целиот Полошки регион – рече Зомер.

За подобрувањата во услугите за управувањето со отпадот во Полошкиот Регион, Швајцарија уште од 2018 година помогна со 1,9 милион швајцарски франци. Зомер посочи дека Швајцарија и сега го кофинансира проектот заедно со Европската банка за обнова и развој и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан со дополнителни 9 милиони швајцарски франци, со што, како што рече, се поддржуваат институционалната компонента и рехабилитациските работи за локацијата на депонијата Русино.

Градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, искажа голема благодарност за поддршката и напомена дека локалната самоуправа ќе помогне во подоброто управување со отпадот

– Оваа инвестиција претставува конкретен чекор кон подобрување на управувањето со отпадот во нашата општина. Со години депонијата Русино претставуваше предизвик поради високиот прилив на отпад и ограничените технички капацитети. Со оваа нова опрема ја зголемуваме оперативната ефикасност, го подобруваме еколошкиот надзор и го намалуваме ризикот од загадување на почвата, водата и воздухот – рече Лимани.

Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами напомена дека опремата што се промовира денеска значително ќе го зголеми оперативниот капацитет на депонијата Русино и ќе овозможи спроведување еколошки практики според европските стандарди.

– Ова значи помалку загадување, побезбедна животна средина и подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Како Општина Тетово, го гледаме овој проект како дел од поголема визија. Чисто Тетово не е само прашање на естетика. Тоа е прашање на јавно здравје, граѓанска одговорност и почит кон генерациите што доаѓаат – рече Касами.

Проектот за набавка на тешка механизација е реализиран со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на Република Северна Македонија, Амбасадата на Швајцарија во земјата, како и со стратешко финансирање од Европската банка за обнова и развој.

Поврзани содржини