ДАНЕЛА ПАК ГИ РАЗОЧАРА РИБАРИТЕ Мостот на Шилегов меѓу Аеродром и Керамидница ќе го биде, риба ќе се лови со урда

Мостот Михајло Апостостолски, од Аеродром кон Гази Баба и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Керамидница, почна во март 2020. Кога дојде на власт, Данела Арсовска, обесхрабрена од експропријацијата и имотно-правните спорови, изјави дека мостот што го изгради Петре Шилегов ќе служи само за ловење риба. Сега градоначалничката пее друга песна.

7,261

Градот Скопје соопшти дека сепак ќе биде во функција мостот кој ќе ги поврзува населбите Аеродром и Керамидница, откако ќе бидат завршени уште околу 30% од споровите меѓу роднини и пријатели кои го кочат изведувањето на приклучоците и пробивањето на булеварот.

Градоначалничката Данела Арсовска уште првиот месец кога дојде на функција рече дека оваа сообраќајница не може да се догради, бидејќи не биле расчистени имотно-правните односи. Но, таа сега изјави дека 70% од експропријацијата е завршена.






– Завршивме голем дел од објектите во Аеродром што беа за експропријација. Меѓутоа, проблемот е што таму имотно-правните односи не се само во делот на експропријацијата. Има и многу имотно-правни спорови што се меѓу роднини, пријатели и слично, коишто се во постапка, во судски процедури и за нив исто така се надеваме дека во најкраток можен рок ќе бидат завршени. Она што е важно од наша страна е дека во изминатата година, веќе скоро повеќе од 70 проценти од тоа што беше затекнато нереализирано е завршено. Инаку, голем дел од тие 275 објекти беа нереализирани или неекспроприрани. Се надеваме дека годинава ќе успееме да ги завршиме останатите 30 проценти. Нормално, доколку имаме успех со судските постапки што граѓаните таму ги имаат меѓусебно – појасни таа.

Кога Арсовска седна во градоначалничката фотелја, изградбата на мостот којашто ја почна ексградоначалникот Петре Шилегов беше завршена. На брифингот со новинарите таа истакна дека нејзиниот претходник не ги решил имотно-правните односи и дека тој мост ќе служи за ловење риба.

– Ова ќе биде нешто што нема никаков ефект и бенефит за граѓаните. Постапката за да се заврши тој мост ќе трае десетина години. Ние ќе почнеме да ги решаваме, но кога ќе ги решиме е прашање на време и не знаеме кога ќе се заврши. Што сега, секој нареден градоначалник ќе биде крив затоа што претходникот го почнал, а не ги решил прашањата, ниту пак планирал да ги реши? – рече Арсовска во ноември 2021, еден месец по доаѓањето на градоначалничката функција.

Неколку месеци подоцна, Арсовска сепак ја промени изјавата и мислењето и вети дека мостот ќе биде ќе биде готов во април 2022 година, а булеварот низ Керамидница до крајот на годината. Но, од ваквите најави на Арсовска нема ништо – ниту е пуштен мостот, ниту пак е почнато пробивањето на булеварот.

„Планот на Градот Скопје е изградбата на овој проект да се заврши, поради што ќе се продолжи со разрешување на имотно-правните предмети и спорови со цел реализација на проектот. За жал, овој проект претходниот градоначалник го почнал без да има чиста состојба, односно нерешени се околу стотина имотно-правни предмети. Поради неодговорната работа на претходното раководство на градот, за изградба на овој мост, ќе бидат потребни повеќе години за негово поврзување, бидејќи почнал да се гради без обезбедено решение како би се завршил целиот проект“, соопштија тогаш од кабинетот на Арсовска.

Мостот од Аеродром кон Гази Баба и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Керамидница почна во март 2020 година. Вкупната вредност на проектот е 16 милиони евра. Мостот ќе го носи името на генералот Михајло Апостолски.

Со изградбата на овој мост и со пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај ако ја изберат оваа рута. Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.

АРСОВСКА ИМА ОПАСНИ НАМЕРИ Градоначалничката се откажа од мостовите на АСНОМ и Љубљанска

СПОРНИТЕ ПРЕДМЕТИ СЕ РЕШАВААТ По експропријацијата, Арсовска најави целосно завршување на проектот – мост АСНОМ

Поврзани содржини