Северна Македонија го отфрла мешањето и несоодветните забелешки од функционерите од соседството. Се залагаме за регионална стабилност и соработка, вклучително и со Србија и Косово, објави на Фејсбук профилот шефот на дипломатијата Бујар Османи, реагирајќи на изјавата на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, кој вчера изјави дека „Северна Македонија и Црна Гора се огрешија кон Србија со признавањето на независноста на Косово“.
-Очекуваме појаснување од министерот за одбрана на Србија, додава Османи во објавата на Фејсбук.
Вучевиќ оцени дека постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.
– Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО пактот и ги решиле своите проблеми со него. Тоа е мантрата и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно НАТО Алијансата мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека ништо не може да им се случи – рече Вучевиќ.