ДАЛИ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПАДНЕ ВО НАЈГОЛЕМАТА ИСТОРИСКА ЗАМКА НА БУГАРИЈА? Ако тие се администратори, тогаш ние сме нацисти
Претходниот премиер на Македонија, Зоран Заев, своевремено истакна дека Бугарите за Втората светска војна не биле окупатори, туку биле администратори во Македонија. Тоа значи дека нивната вина за страдањата на нашиот народ за време на војната не постои, по што се поставува прашањето кој ја организирал депортацијата на Евреите? Ако не биле Бугарите одговорни за тоа, тогаш можеби се Македонците?
Во петок, во Македонија се одбележуваат 79 години од најголемото злосторство, организирано на нашата почва. Македонија се сеќава на депортацијата на своите сонародници, кои биле депортирани во злогласниот логор на смртта во Треблинка.
Историографијата утврдила дека попишувањето на македонските Евреи, нивното собирање и превезување до логорот, го организирале бугарските окупациски сили, кои во тој момент претставувале власт во Македонија. Бугарите се несомнено соучесници во холокаустот, иако официјалната историја на Бугарија тоа не го признава.
Претходниот премиер на Македонија, Зоран Заев, своевремено истакна дека Бугарите за Втората светска војна не биле окупатори, туку биле администратори во Македонија. Тоа значи дека нивната вина за страдањата на нашиот народ за време на војната не постои, по што се поставува прашањето кој ја организирал депортацијата на Евреите? Ако не биле Бугарите одговорни за тоа, тогаш можеби се Македонците?
Ако Бугарите не се окупатори, тогаш Македонците се одговорни за депортацијата
Историчарите подолго време предупредуваат токму на овој факт, за кој многумина сметаат дека е главната замка во работата на Комисијата за историја, во чија работа учествуваат претставници на Бугарија и на Македонија.
– Доколку Бугарите не се окупатори, тогаш ние ја прифаќаме тезата дека во Македонија се одвивала граѓанска војна. Ако е тоа така, тогаш Македонци биле тие што ги депортирале Евреите до германските логори на смртта. Со тоа ја прифаќаме вината за нивната депортација – вели за Плусинфо историчарот Тодор Чепреганов.
Ноќта на 11 март 1943 година, околу 7200 Евреи од Македонија (од Скопје, Битола и Штип) или нешто повеќе од 98% од вкупното еврејско население во Македонија биле уапсени од бугарската окупаторска фашистичка власт и затворени во скопскиот Монопол (магацините на тутунскиот комбинат Скопје) од каде што со товарни вагони биле депортирани во концентрациониот логор Треблинка во Полска, каде што скоро сите биле убиени.
– Бугарите се соучесници во најголемото злостроство во целокупната човекова историја. Бугарија е фашистичка и пронацистичка држава во тој период, бидејќи во парламентот се изгласани расни закони, кои потоа се потпишани од царот Борис. Точно е дека се спасени бројни Евреи во Бугарија, но не поради државата, туку благодарение најмногу на црквата и на други бројни здруженија. Сепак, по војната од 50.000 бугарски Евреи, 45.000 веднаш ја напуштаат земјата. Најмногу поради тоа што нивниот имот бил конфискуван, а тие биле масовно испраќани во работни логори, каде се користени како робовска сила – додава македонскиот историчар.
Кривично дело е негирањето на холокаустот
Потомците на малубројните Евреи коишто ја преживеале војната, сè уште не добиле извинување за злоделата направени врз припадниците на нивниот народ од бугарската држава.
– Ние Евреите од Македонија, сè уште чекаме некој официјален претставник на Бугарија да дојде во Музејот на холокаустот во Скопје и да се извини за злосторството. Ако може една Германија секоја година да се извинува, тогаш тоа ќе може да го направи и Бугарија – изјави Рашела Мизрахи, која е забележана во историјата на земјава како прва Еврејка која била министерка во Владата на Република Македонија.
Во изјавата за Плусинфо, таа вели дека историските факти се јавни и се добро познати, а со нив недвосмислено се потврдува одговорноста на тогашната бугарска власт во депортацијата на Евреите.
– Негирањето на холокаустот е кривично дело. Затоа ние Евреите од Македонија нема да дозволиме да се негираат или да се испревртуваат историските факти, кои се познати и се јавно достапни. Бугарите не се никакви администратори во Македонија, туку окупатори, кои покрај другите злосторства, го извршиле пописот и депортацијата на македонските Евреи кои се испратени во логорот на смртта. Бугарската власт во тој период не е само соработник на Германците, туку и самата носи антиеврејски и антирасни закони за чистота на бугарската нација, по примерот на нирнбершките закони. Депортирани се Евреите од Македонија и окупираните територии на Грција, додека во дописот испратен до Берлин, се вели дека се одложува испрќањето на 22.000 Евреи од Бугарија, кои работеле на инфраструктурни објекти – додава таа.
Мизрахи предупредува на опасноста од намерата на актуелните влади на Македонија и на Бугарија, во духот на Договорот за добрососедство и во обидот да се изнајде начин да се симне ветото за отпочнување преговори со ЕУ, да се изнајде компромис и за оваа непријатна епизода од историјата.
– Се чувствува како во моментов да се бара начин како да се пронајде компромис во Заедничката комисија за историја, како да се прејде преку ова злосторство. Но тоа нема да помине, бидејќи историските факти се недвосмислени. Јас не велам дека бугарската нација била фашистичка, но тогашната власт е фашистичка и нацистичка, бидејќи покрај тоа што била сојузник на Германците, усвојила закони и симболи по примерот на нацистите – изјави Мизрахи.
Фондот на холокаустот во Македонија, за во петок го има закажано одбележувањето на депортацијата на македонските Евреи, а за таа пригода планирани се повеќе активности.