ДАЛИ ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ МУ ВРТАТ ГРБ НА ТРАМП? Нивните инвестиции драстично паднале во последните три години

Според Институтот за германска економија, директните инвестиции од германските компании во САД, се намалија за речиси две третини во споредба со истиот период минатата година, на 4,3 милијарди евра, што е најниско ниво од 2023 година.

1

Германските компании во првата половина од 2026 година ги намалија своите инвестиции во Соединетите Американски Држави на најниско ниво за 3 години, објави Институтот за германска економија (IW) врз основа на податоци од Бундесбанката што се оценува како одраз на политиките на администрацијата на Доналд Трамп кои ја зголемуваат неизвесноста во трговските односи меѓу двете земји.

Според институтот, директните инвестиции од германските компании во САД, се намалија за речиси две третини во споредба со истиот период минатата година, на 4,3 милијарди евра, што е најниско ниво од 2023 година.






Во споредба со истиот период во 2024 година, ова претставува пад од речиси 80%.

– Ова го продолжува трендот на опаѓање што е видлив од почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп во јануари 2025 година – изјави Самина Султан, економист во Институтот за германска економија (IW).

Во петте години пред пандемијата на ковид-19, германските компании инвестирале во просек 15,8 милијарди евра во САД во првата половина од годината, покажуваат податоците, што е речиси четири пати повеќе отколку во првата половина од 2026 година.

Истражувачите, исто така, ја анализираа структурата на инвестициите во текот на 2025 година и утврдија дека кредитите поврзани со директни инвестиции и реинвестирана добивка беа исклучително високи, додека капиталот во потесна смисла – разликата помеѓу новите инвестиции и повлекувањата на капиталот – остана под просекот.

-Компаниите што веќе работат во САД затоа продолжуваат да ги реинвестираат профитите што ги остваруваат таму- вели Султан, заклучувајќи дека ова покажува дека американскиот пазар останува привлечен, иако во исто време компаниите се претпазливи со новите инвестиции.

По враќањето на функцијата, Трамп им се закани на повеќето меѓународни трговски партнери на САД со увозни тарифи, обидувајќи се да обезбеди отстапки што би биле во корист на Вашингтон.

На пример, Европската Унија, за да избегне високи тарифи за својот извоз во САД, минатата година преговараше за трговски договор кој вклучува ветување за инвестиции од 600 милијарди долари во САД.

Поврзани содржини