ДАКА НА МАКА Општина Тетово го сопре ДУП-от за ШИК Јелак
Суспендирањето на овој ДУП зад кој стои контроверзниот Дака Давидовиќ, а кој беше поврзан со бројни манипулации направени од оваа Влада и чии директни актери се највисоките владини функционери покажува дека промените носат правда, изјави Александар Николоски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Суспендиран е ДУП-от за ШИК Јелак на контроверзниот Дака Давидовиќ. Денеска Советот на општина Тетово донесе одлука со која почнува постапка за суспендирање на Деталниот урбанистички план за просторот на ШИК Јелак во Tетово.
– Би сакал да честитам за оваа храбра одлука на градоначалникот на Тетово Билал Касами, како и мнозинството во Советот составено од политичките партии БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, како и независните Подобро за Тетово кои ја донесоа оваа одлука. Суспендирањето на овој ДУП зад кој стои контроверзниот Дака Давидовиќ, а кој беше поврзан со бројни манипулации направени од оваа Влада и чии директни актери се највисоките владини функционери покажува дека промените носат правда – изјави Александар Николовски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потсетува на разговорите кои се слушнаа пред изборите во 2020 година во кои се договарале пари, парцели и интереси на штета на Тетово и на тетовци, како и дека во 2020 година по изгласувањето на Владата СДСМ/ДУИ ова била прва одлука која се донела.
– Јас тогаш во јавност изнесов бројни сознанија кои дојдоа до мене, се работи за сомнителен капитал зад кој стојат оф шор фирми поврзани со Дака Давидовиќ и врвот на власта во Mакедонија. Добивав дури и закани да се откажам од објавување на овој скандал, но за мене интересот на граѓаните и борбата со криминалот се пред сѐ! По промените во Тетово и изборот на Билал Касами за градоначалник, како и ново мнозинство во Советот од кое дел е ВМРО-ДПМНЕ, се покажа дека може да се работи подобро и поправедно – рече Николоски.