ДА СЕ ЗАБРАНИ ЦЕНТАРОТ „ИВАН МИХАЈЛОВ” Иницијаторот Левица се повикува на Законот за здруженија и фондации
„Дејствувањето на Здружението е насочено кон негирање на слободите и правата на македонскиот народ за слободно изразување на националната припадност. Дополнително, Здружението на социјалните мрежи редовно објавува натписи со содржина со која разгорува национална омраза“ - се наведува во иницијативата на Левица.
Партијата Левица поднесе Иницијатива до Основното јавно обвинителство во Битола за забрана на работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола, повикувајќи се на член 65 од Законот за здруженија и фондации.
„Неспорно е дека на граѓаните на РМ им се гарантира слободата за здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Меѓутоа, јасни уставни и законски одредби ги определуваат границите на остварување на оваа слобода. Со своите програмски цели и теренски активности за промоција на идеологијата и рехабилитирање на ликот и делото на Иван Михајлов, дејствувањето на Здружението е насочено токму кон разгорување на национална омраза и нетрпеливост, преземајќи активности кои се спротивни на Уставот и закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“ – се наведува во иницијативата на Левица.
Во Статутот на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ Битола, донесен на Основачкото собрание на здружението, на седница одржана на 12 март 2019 година, се појаснува дека мисијата на Здружението е промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов.
„Ноторен историски факт е дека според идеологијата на Иван Ванчо Михајлов, македонската нација и јазик не постојат! Здружението ја промовира оваа идеологија за промена на националната свест на македонскиот народ и во своите простории има поставено цитат од Иван Михајлов, во оваа насока. Дејствувањето на Здружението е насочено кон негирање на слободите и правата на македонскиот народ за слободно изразување на националната припадност. Дополнително, Здружението на социјалните мрежи редовно објавува натписи со содржина со која разгорува национална омраза“ – се наведува во иницијативата на Левица.
Истовремено, тврди партијата, рехабилитацијата на ликот и делото на Иван Михалов, кој светската историографија го смета за докажан соработник на Хитлер, претставува глорификација на фашизмот и нацизмот – потикнувајќи чувство на национална и верска омраза и нетрпеливост кон Еврејската заедница во Македонија.
„Очекуваме Основниот суд, во итна постапка, да донесе решение со кое се прифаќа во целост предлогот до Основното јавно обвинителство Битола и да се забрани работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола“ – велат иницијаторите.