„ДА, МУ РЕКОВ НА НЕТАНЈАХУ ДЕКА Е ЛУД“ Трамп го потврди вербалниот дуел и порача дека „многу го сака Биби“
Бев малку вознемирен од неговите постојани борби против Либан и во еден момент, едноставно му реков: „Биби, мора да го запреме ова“, раскажа американскиот претседател Доналд Трамп детали од драматичниот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека отворено му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е луд, за време на телефонскиот разговор оваа недела. Трамп го призна ова во едночасовното интервју во подкастот „Pod Force One“ со водителката Миранда Девин, објави АФП.
Трамп со тоа од прва рака ги потврди медиумските извештаи што протекоа во понеделникот. Порталот Аксиос детално го опиша лутиот испад на претседателот, полн со вулгарности, упатени кон израелскиот лидер. Израелските претставници веднаш се обидоа да ја негираат целата приказна и да ја намалат и исперат штетата, но Трамп повторно „целосно ги закопа“.
На прашањето дали го нарекол долгогодишниот израелски лидер „луд“ и го обвинил за голема неблагодарност кон САД, Трамп јасно возврати: „Да“.
– Не би рекол баш дека бев лут. Бев малку вознемирен од неговите постојани борби против Либан – рече Трамп.
Тој рече дека разговарал со Нетанјаху исклучиво за најновите израелски воздушни и копнени напади врз Либан, кои во моментов сериозно го поткопуваат и го загрозуваат кревкиот прекин на огнот на Блискиот Исток.
– Во еден момент, едноставно му реков: „Биби, мора да го запреме ова“ – раскажа Трамп детали од драматичниот телефонски повик.
Свесен за дипломатската тежина на своите зборови, Трамп се обиде да ја смири ситуацијата со клучниот американски сојузник на Блискиот Исток, нагласувајќи дека целиот овој инцидент не значи дека односите меѓу двете земји се трајно нарушени.
– Всушност, многу го сакам Биби. Имам огромна почит кон него, нормално функционираме и соработуваме многу, многу добро – рече Трамп.
Тој тврди дека тој и Нетанјаху, и покрај острите зборови, всушност, се сложуваат многу добро.