ДА ИЗБЕГНЕМЕ ГОЛЕМА ВОЈНА, МУ ПОРАЧА МАДУРО НА ТРАМП Венецуела мобилизираше 5.300 лица поради можен пуч
Претседателот на Венецуела ги обвини САД за „план за насилна промена на режимот“ во Венецуела и други латиноамерикански земји и повикува на почитување на суверенитетот на неговата држава.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ги повика САД да го намалат тензиите меѓу двете земји, предупредувајќи на опасност од „воен конфликт од широки размери“ во Јужна Америка, пренесе ДПА.
– Ниту едно од нашите несогласувања не смее да доведе до војна или насилство во Јужна Америка – изјави Мадуро во видео објавено на апликацијата „Телеграм“.
Тој ги обвини САД за „план за насилна промена на режимот“ во Венецуела и други латиноамерикански земји и повикува на почитување на суверенитетот на неговата држава.
Мадуро соопшти дека се мобилизирани 5.300 единици на општинските безбедносни сили за заштита од можни обиди за „државен удар“ поддржан од Вашингтон.
Тензиите меѓу Венецуела и САД се заострија неодамна, откако САД распоредија воени бродови во Карипското Море поради, како што тврдат, борба против нарко-канали. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД извршиле напад врз брод со дрога, при што убиле 11 членови на венецуелската група „Трен де Арагуа“, означена како терористичка организација од САД.
Во меѓувреме и друга латиноамериканска земја е засегната од можниот конфликт меѓу САД и Венецуела. Колумбија се соочува со закана од Вашингтон дека може да биде ставена на американскиот список со санкции доколку не успее да го спречи извозот на кокаин.
Колумбискиот министер за одбрана Педро Санчез изјави дека неговата земја е „целосно решена“ да се бори против шверцот на дрога.
Администрацијата на Трамп треба до 15 септември да одлучи дали ќе ѝ го одземе на Колумбија статусот на „сојузник“ во борбата на САД против шверцот на наркотици.