ЦРВЕНОТО ЈАЈЦЕ ГО СИМБОЛИЗИРА ВОСКРЕСЕНИЕТО Тоа е Исусовата победа над смртта

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.

113

Вапсањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет. Вапсањето започнува денеска на Велики Четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисуваат првите три црвени Велигденски јајца.

– Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството – вели за МИА професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.






Црвеното јајце го симболизира воскресението

Објаснувајќи го значењето на црвеното јајце и зошто е земено за традиција, Грозданоски појаснува дека велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото Православие, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.

фото: МИА

Лебот, црвеното вино и Тајната Причест

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна Причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристијата е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв. Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причесна ги украсува и Велигденските јајца.

Како што бојадисаните црвени јајца од Вели Четврток се јасна најава на блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики Четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

– Според Светото Предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносици прва го започнала овој обичај за Велигденските црвени јајца, вели Грозданоски, говорејќи за почетокот на традицијата на вапцување велигденски јајца.

Марија Магдалена му подарила јајце на Тивериј

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господа Исуса Христа. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите: Христос Воскресе. Потоа му раскажала за се што ги учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат: Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Православните христијани на Велигден подарувајќи си црвено јајце еден на друг или кршејќи се со него, всушност го симболизираат Христовото Воскресение и нашето спасение: победата над смртта – смрт на смртта. Затоа, овој обичај е израз на вера во Христовото Воскресение и вера во воскресение на мртвите. Тоа е надежта во спасението и идниот живот.

Подготовка за Пасхалната вечера

Во Евангелието е запишано сè што станало на Велики Четврток. Започнува со Подготовката за Пасхалната вечера, позната како Тајна вечера на Господа Исуса Христа со апсотолите (Матеј 26,17-19; Марко 14,12-16; Лука 22,7-13). Се вели: „Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа:,Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?‘ “ (Марко 14,12).

Првиот ден на Бесквасници бил, всушност, четвртокот, кој претходел на празникот кога се колело пасхалното јагне. Првиот ден е денот пред главниот настан. Тој ден бил четврток, затоа што јудејците во петок почнувале да ја јадат пасхата, а денот пред тоа го подготвувале пасхалното јагне. По Божја наредба Евреите секоја година колеле пасхално јагне во спомен и сеќавање на преминот (пасха=премин), излегувањето од еврејското ропство.

Во тој ден, учениците отишле да Го прашаат Христа каде сака да ја подготват и да ја јадат Пасхата. Според ова, видно е дека Господ Исус Христос немал сопствено живеалиште, а ни апостолите немале свои домови за да Го повикаат и да Го одведат на пасхалната вечера, но исто така, видно е и тоа дека Он и Неговите апостоли сакале да го испочитуваат Старозаветниот закон за Пасха, а веројатно тоа го правеле и претходните три години.

Христос ги испратил апостолите Петар и Јован (Лука 22,8), да ја подготват Пасхалната вечера. Преданието вели дека станува збор за куќата на евангелистот Јован Марко во Ерусалим. Можеби, токму заради одржувањето на Тајната вечер во тој дом, кога е востановена светата Евхаристија, подоцна токму „куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко“ станува првиот храм во Ерусалим каде што се собирале мнозина и се молеле (Дела 12,12), односно ја продолжувале светата тајна Евхаристија.

Подготовката на Пасхалното јагне, односно, Пасхалната вечера била како што предвидува обредниот закон: со горчливи билки, со вино и сè што било потребно за обредот. Господ Исус Христос на оваа Пасхална вечера или Тајна вечера, зел најобични работи: леб, вино, чаша и чинија, и на сето му дал вечно значење како на човечкото тело што го зел врз себе.

Сличноста меѓу Пасхалната и Тајната вечера се покажува во тоа што и едната и другата е премин од ропство во слобода: првата, од египетското ропство, а втората, од ропството на гревот; и едната и другата имаат жртви: првата, Пасхалното јагне, а втората, Господа Исуса Христа; и двете поставуваат заедница со Бога: учениците, во Пасхалната вечера претставувале знак за единството со Бога, а во Евхаристиската вечера сите учесници – сите приматели, претставуваат единство со Христа, избавување од гревот и премин од материјалниот во вечниот живот.

Поврзани содржини