Црна Македонијо, до каде те дотераа!
Читаш и се прашуваш - знаат ли овие судии што прават? Ова е, се разбира, под претпоставка дека под масата се’ е чисто, иако има едно чудо причини да не се верува во тоа. Впрочем, според „олеснителните околности“ на Апелација, речиси убиецот треба да биде пофален, награден..., а не суден! Во целина, ова е повик за продолжување на хаосот во сообраќајот! Шанса, речиси убијците, да станат убијци. Повик - убивајте, и на суд изразете каење и жалење, и ќе ве пуштат!
На пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“, на 24/7/2020 година, на црвено светло, возејќи со голема брзина (според сведок), и со возило со поголема моќност од дозволената, на што, како почетник немал право, младиот речиси убиец, Малик Хасановиќ, удри две деца коишто поминуваа на зелен семафор. Ги удри и избега! Во без свест, децата ги остави да лежат на асфалтот! Едното со потешки повреди, другото со полесни, беа пренесени во болница.
Обвинетиот беше суден за кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и кривично дело Не укажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Поточно, бегање по стореното речиси убиство на две деца од 13 и 12 години. Судијата на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, на обвинетиот му пресуди година и еден месец затвор што, во никој случај, не беше престрого.
Според правната квалификација, и местото каде се случил настанот, не треба да си ниту правник ниту многу бистар за да сфатиш дека навистина се работи за тешко кривично дело.
Тоа, очигледно, не им било јасно само на членовите на Советот на скопска Апелација, во состав Татјана Дуковска, претседател, Ѓоко Ристов и Тања Милева, членови. По одржана јавна седница, на ден 27/12/2024, во присуство на обвинетиот и неговиот адвокат, а во отсуство на јавен обвинител и на оштетените, Советот ја промени пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во условна, што практично значи ослободителна!
Како е можно, и од кои причини, скопска Апелација решаваше по жалба за случајот ама без оштетените? Законска е обврската тие да се поканат. Во дадениот случај, игнорирањето на оштетените од страна на Апелација, може да има само скриени причини коишто, по логиката на нештата, можат да бидат само од сферата на корупцијата. Каква и да е таа. Ништо друго. Тоа овозможило, на пример, адвокатот на обвинетиот, Звонко Давидовиќ, и да лаже.
Дека сето ова не е некаква и нечија фантазмагорија, зборува и фактот дека Апелација не ја оспори квалификацијата на делото, не оспори ништо од пресудата на Основниот кривичен суд Скопје. Значи, без да наведе никаква издржана причина за тоа, освен дека, речиси убиецот, бил млад и убав човек, донесе ослободителна пресуда. Таков е барем впечатокот, кога се чита пресудата. Апелација, на пример, никаде не спомнува дека, речиси убиецот, кривичното дело го направил на пешачки премин, дека поминувал на црвено светло со голема брзина, и дека удрил деца. Со тоа, нели, нивната ослободителна пресуда би била – бесмислена.
И, не заборавајте, ова се случува кога во Македонија масовно се гине по улиците и патиштата. Во ЕУ, на 100 илјади жители, годишно има 4,6 жртви во сообраќајот додека кај нас таа цифра е 7,1, или за 55 проценти повисока.
Слободно можеме да заклучиме дека горе спомнатата тројка на скопска Апелација, и сите нивни колеги, коишто се однесуваат на ист, а тоа значи крајно неодговорен начин кон речиси убијците на нашите улици и патишта, имаат и своја директна лична и службена одговорност за колежот којшто ни се случува во сообраќајот. Некои од нив можеби и не се свесни за својата улога, ама (добар!?) дел од нив секако имаат и недозволена финансиска или професионална корист. Затоа им е рејтингот кај народот речиси – нула. А народот, никогаш не греши.
Размислувајќи логично и одговорно, децата и да не биле воопшто повредени, доволен е фактот што, речиси убиецот, на пешачки, минувајќи на црвено светло, со голема брзина, и со возило коешто не смеел да го вози како почетник, некого удрил и – избегал! Таква постапка не може во никој случај, барем за правници што одговорно си ја вршат работата, да биде за условна казна, та да е таа и доживотна.
Од самиот почеток, случајот се третираше на сомнителен начин. Јасни беа сигналите дека во процедурата се замешани и надворешни прсти. Долго не можеше да се добие полицискиот записник од несреќата а потоа долго се одложуваше и судската расправа, се’ додека не се промени судијката. Во полицискиот извештај, пишува дека речиси убиецот, со татко му, подоцна отишол во полициска станица да се пријави, ама не пишува кога!? Утредента, по недела дена, или…? Важно му провериле алкохол во крвта, и не е важно кога, а не е јасно ниту кому!? Ваков апсурд, никаде не е можен, ако добро не се плати.
Заради поцелосен увид во случајот, за првичната пресуда на судијката Даниела Димовска, од Основниот кривичен суд – од година и еден месец затвор, Апелација вели – “постапувајќи по службена должност испита дали е сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка … па констатира дека таква повреда не е сторена, обжалената пресуда е јасна, разбирлива и подобна во целост…“. И, продолжува – “… првостепениот суд правилно го применил Кривичниот законик…“, дека – “дејствијата на обвинетиот Малиќ Хасановиќ прецизно опишани во изреката на обжалената пресуда, се содржани законските елементи на кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето… и на кривичното дело Не укажување на помош на лице повредено во сообраќајна несреќа…“.
Ако е така, како што Апелација ја оценува првата пресуда, чуму нејзино укинување и замена со условна казна, поточно ослободување од одговорност? Ако нема некакви скриени причини, апсолутно нема никаква основа за промена на пресудата!
Сепак има! Апелација вели – “… ги разгледа наведените жалбени наводи и истите ги прифати за основани, утврдувајќи дека првостепениот суд при определувањето … на кривичната санкција, ги преценил отежнувачките околности наспроти олеснувачките кои што постојат на страна на обвинетиот за што основано се укажува во изјавените жалби“!?
Просто да не веруваш. Зар е можна ваква будалаштина? Како потврда за својата пресуда, еве што цитира Апелација за олеснителни околности – “неговото каење и жалење, личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот“; дека – “имал 19 години“; дека – “бил примерен и одговорен човек“ (има ли подобар доказ за тоа, што речиси убил две деца и избегал од местото!); дека – “студирал во странство“ (“и така ја промовирал државата од која потекнува“!?); дека – “бил добар студент и спортист“…! Зошто не спомнуваат дека олеснителна околност е што вечерта имало јасна месечина? Црна Македонијо, до каде те дотераа!
Читаш и се прашуваш – знаат ли овие судии што прават? Ова е, се разбира, под претпоставка дека под масата се’ е чисто, иако има едно чудо причини да не се верува во тоа. Впрочем, според “олеснителните околности“ на Апелација, речиси убиецот треба да биде пофален, награден…, а не суден! Во целина, ова е повик за продолжување на хаосот во сообраќајот! Шанса, речиси убијците, да станат убијци. Повик – убивајте, и на суд изразете каење и жалење, и ќе ве пуштат!
Вака, почитувани читатели, функционира (не)правдата во наша Црна Македонија. Кога се чита пресудата на Апелација, нормален човек мора да се згрози!
Силен е впечатокот дека, ако правниот систем функционираше каква што треба и, се разбира, ако скопска Апелација работеше според законите, на речиси убиецот ќе му ја зголемеше казната. Ослободителната, пак, формално условна пресуда на Апелација, само го потврдува дното до коешто се доведени судството и правдата во Македонија. Дали е ова само нов доказ дека корупцијата цвета во државава и затоа сме на ова дереџе?
Интересна е и улогата на Вишото јавно обвинителство. Чинам дека се работи за лицето Наум Пановски, ама не сум сигурен, коешто не отишло на расправата во Апелација, ама испратило писмо со кое – „предлага да се прифатат жалбите на обвинетиот и неговиот адвокат“!? Зошто, и врз основа на што? Логично е прашањето – има ли причини коишто не се за јавноста? Тужителката, пак, која беше надлежна во Основниот кривичен суд Скопје, на првата расправа не кажа ниту збор против обвинетиот! На втората не дојде а на последната – задоцни и се однесуваше како да е отсутна! Ако сето ова е случајно и без конкретни причини, тогаш…
Во светот, ваквите случаи сигурно се решаваат за помалку од шест месеци. Кај нас, траумите траат преку три години. Таму, обвинителите и судиите се борат за правда. Во Црна Македонија, уживаат во корупција. Секако не сите.