🎥ЧЕТВОРИЦА МРТВИ ПО СУДИР НА ВОЗ И УЧИЛИШЕН АВТОБУС ВО БЕЛГИЈА Меѓу загинатите и двајца тинејџери

Во моментот на судирот била активирана сигнализацијата на преминот, односно, светлата биле црвени, а рампите биле спуштени, објави белгискиот железнички оператор Инфрабел.

0

 

Четворица загинаа откако во вторник наутро патнички воз удрил во училишен автобус во белгиската покраина Источна Фландрија, во градот Бугенхаут, објавија белгиските медиуми.






Според првичните информации, во автобусот имало 7 деца и двајца возрасни, вклучувајќи го и возачот.

Меѓу загинатите се двајца тинејџери, возачот на автобусот и возрасен човек што ги придружувал учениците. Уште две лица се сериозно повредени, соопшти министерот за транспорт Жан-Лук Кроа.

На местото на несреќата се испратени голем број служби за итни случаи, додека властите сè уште го утврдуваат точниот број на жртвите и околностите на судирот.

Белгискиот железнички оператор Инфрабел објави дека во моментот на судирот била активирана сигнализацијата на преминот, односно, светлата биле црвени, а рампите биле спуштени.

Во возот имало околу 100 патници и, според досегашните информации, ниту еден од нив не е повреден.

Возот сообраќал на релација Бриж – Бугенхаут.

– Преминот беше еден километар пред станицата, па возот веќе забавуваше, но ударот, сепак,  беше огромен. Машиновозачот се обиде да ја активира сопирачката за итни случаи, но беше предоцна – изјави портпаролот на инфраструктурата на Инфрабел.

Белгија, каде што густа железничка мрежа минува низ градови и села, има историја на несреќи на премини на ниво.

Пет лица загинаа во вакви несреќи во текот на 2025 година, објави операторот на железничката инфраструктура Инфрабел на својата веб-страница, што е најмал број загинати од 2020 година.

Поврзани содржини