ЧЕЛЗИ СО РЕКОРДНА ЗАГУБА ОД 262 МИЛИОНИ ФУНТИ „Сините“ од Лондон во голем минус
И покрај зголемените приходи и успехот во Европа, лондонскиот клуб забележа најголем финансиски минус во историјата на англискиот фудбал.
Челзи пријави загуба од 262,4 милиони фунти за сезоната 2024/25, што претставува најголем финансиски минус во една година во историјата на англискиот фудбал.
Со тоа лондонскиот клуб го надмина претходниот негативен рекорд на Манчестер Сити, кој во сезоната 2010/11 пријави загуба од 194,9 милиони фунти.
Зголемувањето на приходите на Челзи на 490,9 милиони фунти не беше доволно за да се намали минусот. Приходите пораснаа благодарение на освојувањето на УЕФА Конференциска лига и пласманот на четвртото место во Премиер лига, со што клубот обезбеди настап во Лига на шампиони во тековната сезона.
Од клубот објаснуваат дека оперативните трошоци значително се зголемиле, главно поради враќањето во европските натпреварувања.
„Оперативните трошоци се зголемија првенствено поради враќањето во европските натпреварувања, што значително ги зголеми трошоците за натпревари“, соопштија од Челзи.