ЧАИР РАСЧИСТУВА НАД 200 НАПУШТЕНИ ВОЗИЛА Се ослободуваат стотици паркинг-места за граѓаните
Општина Чаир почна акција за отстранување на повеќе од 200 напуштени и хаварисани возила од јавните површини. Локалните власти велат дека со тоа ќе се ослободат паркинг-места и ќе се намали долгогодишен еколошки проблем.
Општина Чаир денес го започна акцискиот процес за отстранување на над 200 хаварисани и напуштени возила од јавните површини, информира градоначалникот Изет Меџити. Целта, се вeли во соопштението, е ослободување на паркинг-просторот и подобрување на урбаниот ред.
– Од денес ослободуваме стотици паркинг-места за граѓаните и истовремено отстрануваме долгогодишен еколошки проблем. Ова се конкретни резултати што се гледаат и се чувствуваат секојдневно во Чаир – изјави Меџити.
Општината посочува дека „со оваа акција веднаш се ослободуваат стотици паркинг-места за жителите, создавајќи пофункционални услови за движење и паркирање во различни делови на Чаир, а истовремено се придонесува и за заштита на животната средина“.
Општина Чаир порачува дека и во наредниот период ќе продолжи со конкретни мерки и активности во функција на подобрување на јавните простори и квалитетот на живот на граѓаните.