ЦЕНОВЕН ШОК ЗА 60.000 СЕМЕЈСТВА ВО СКОПЈЕ Можно ли е за 300 отсто да поскапи парното?
Две од компаниите снабдувачи со топлинска енергија „Балкан енерџи груп“ и „Скопје Север“ бараат зголемување на цената на парното од 300 отсто и тоа почнувајќи од 1 јануари.
Уште еден ценовен шок ги очекува граѓаните на Скопје. Нова и многу повисока цена на парното за почетокот на наредната година. Две од компаниите снабдувачи со топлинска енергија „Балкан енерџи груп“ и „Скопје Север“ бараат зголемување на цената на парното од 300 отсто и тоа почнувајќи од 1 јануари.
Компаниите ова го бараат бидејќи нивните трошоци за снабдување со природен гас се зголемени за 300 отсто, што повлекува и повисока цена на парното. Засега нема информација дали и третиот снабдувач со топлина, ЕСМ Енергетика ќе побара повисока цена на парното.
Информацијата ја потврдуваат и од Регулаторната комисија за енергетика до која е веќе стигнато барањето на „Балкан енерџи груп“.
Оттаму велат дека БЕГ бара зголемување на цената на парното, но допрва ќе се одлучува дали и колку ќе им се дозволи да ја зголемат цената.
– „Балкан енерџи“ достави барање за промена на одобрениот регулиран максимален приход за 2022 година, почнувајќи од први јануари 2022 година. Како основ за ова барање, БЕГ го посочува стрмниот пораст на цените на природниот гас на меѓународните пазари, кој е за повеќе од 300 отсто повисок од цената на природниот гас што РКЕ ја одобри во јули 2021 година – велат од РКЕ.
Регулаторната комисија, како што информираат оттаму, побарала БЕГ да достави докази, односно договор за набавка на природен гас, во кој ќе биде дефинирана цената на природниот гас, што за РКЕ ќе биде показател дали бараниот процент е соодветен.
Од БЕГ велат дека тие доставиле редовен извештај за трошоците до РКЕ.
– Согласно Правилникот за регулирање на цени за топлинска енергија и системски услуги донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, друштвата кои се носители на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија имаат обврска до РКЕ да достават податоци за трошоци за регулираниот период. Врз основа на тие податоци, Регулаторната комисија за енергетика ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи – велат од БЕГ.
Ист износ на зголемување на цената на парното најавува дека ќе побара и вториот снабдувач со топлинска енергија „Скопје Север“. Информацијата за трошоците, тие до Регулаторната комисија за енергетика ќе ја достават деновиве бидејќи веќе потпишале договор за снабдување со природен гас.
– Да, и „Скопје Север“ го има истиот проблем со цената на гасот кој се користи. Новиот договор со „Макпетрол“ за обезбедување на гас за цела година е веќе потпишан и во глобала цената е за 300 отсто повисока. Но, според договореното цената ќе се утврдува на месечно ниво и ќе зависи од берзанската цена на природниот гас. Тоа значи дека и ние ќе прикажеме повисоки трошоци, што би значело и зголемување на цената на парното. Документите ги подготвуваме и деновиве ќе ги доставиме до Регулаторната комисија за енергетика која ќе одлучи за процентот на зголемување на цената на парното – вели директорката на „Скопје Север“, Моника Тимосиевска.
Моментално не се знае дали и третиот снабдувач со топлина, ЕСМ Енергетика ќе побара и во колкав процент зголемување на цената на парното.
Плусинфо побара информација од компанијата, но до објавување на текстот не доби одговор на прашањето дали и нивните трошоци се повисоки за да бараат зголемување на цената на парното.
Од Регулаторната комисија за енергетика моментално не можат да го кажат процентот на зголемување на цената на парното, бидејќи допрва ќе расправаат за извештаите на компаниите и ќе се утврдува колкав максимален приход ќе им се одобри на компаниите, но претседателот комисијата Марко Бислимоски, веќе најави дека ќе има зголемување на цената на парното како резултат на скокот на цената на природниот гас на берзите.
Останува владата да одлучи дали и со колкав износ ќе помогне дел од граѓаните кои се во социјален ризик.
Последната промена на цената на парното е извршена на 29 јули годинава кога цената на парното кај БЕГ беше намалена за 4, 35 отсто, кај ЕСМ Енергетика беше намалена за 0,57 отсто, додека кај Скопје Север намалувањето изнесуваше 1,25 отсто.
БЕГ со топлина снабдува 56.000 домаќинства во Скопје, ЕСМ Енергетика има 3.800 потрошувачи, а Скопје Север опслужува 501 потрошувач.