ЦЕНИТЕ НА ЛЕКОВИТЕ СЕ РЕГУЛИРАНИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО Невозможно е кои било фармацевтски компании тајно или јавно да договараат цени, реагира „Д-р Пановски“
Управниот суд во две претходни постапки, два пати правосилно утврди дека АД „Д-р Пановски“ - Скопје нема сторено никаков прекршок и со тоа ги отфрли наводите дека наводно била нарушена деловната конкуренција за посочената јавна набавка. Оттука, крајно сме изненадени и зачудени како е возможно за ист предмет, ист суд, да одлучи поинаку во трета постапка, се наведува во соопштението од компанијата.
Во врска со денешните објавени информации од Комисијата за заштита на конкуренцијата, со кои се информира јавноста дека Вишиот управен суд со пресуда го потврдил решението за постоење забранет договор – картел помеѓу АД „Д-р Пановски“ и Фарма Трејд ДООЕЛ Скопје, за јавна набавка спроведена во 2016 година, компанијата АД „Д-р Пановски“ испрати соопштение до јавноста.
Од компанијата информираат дека АД „Д-р Пановски“ досега не примилo пресуда од Управниот суд, ниту од други надлежни институции.
„Споменатата јавна набавка, во изминатите 8 години, веќе беше предмет на интерес на надлежните државни институции. Во интерес на објективно информирање на јавноста, сметаме дека е неопходно да потенцираме дека Управниот суд во две претходни постапки, два пати правосилно утврди дека АД ‘Д-р Пановски’ – Скопје нема сторено никаков прекршок и со тоа ги отфрли наводите дека наводно била нарушена деловната конкуренција за посочената јавна набавка. Оттука, крајно сме изненадени и зачудени како е возможно за ист предмет, ист суд, да одлучи поинаку во трета постапка.
Имајќи предвид дека АД ‘Д-р Пановски’ е компанија со странски капитал и претставник на реномирани светски фармацевтски компании во Северна Македонија, застапува лекови за најтешко болните пациенти кои се лекуваат во јавното здравство, имаме обврска да го заштитиме нашиот корпоративен углед.
Целосно е невозможно кои било фармацевтски компании тајно или јавно да договараат цени на лекови, бидејќи тие се регулирани исклучиво од Министерството за здравство. Тоа значи дека за споменатата јавна набавка АД ‘Д-р Пановски’ понудилo цени во висина која претходно ја определиле ресорните надлежни институции.
Согласно горенаведеното, нашиот правен тим се подготвува да ги искористи сите вонредни правни лекови пред домашните судови, но и да се обрати пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за правно вознемирување. Во меѓувреме ќе се обратиме и до претставниците на меѓународниот фактор во земјава, кои ќе ги информираме за оваа нарушена правна сигурност и загрозено владеење на правото, што практично ги отежнува околностите за нашето деловно функционирање, а со цел да се заштитат правата, интегритетот и деловната репутација на компанијата.
Ја охрабруваме извршната и законодавната власт да ги преземат сите неопходни дејствија за вистински реформи во правосудниот систем. Крајно време е да се стави точка на самовластието во правосудството, кое се рефлектира и врз приватните компании кои веќе 30 години редовно го полнат буџетот на Северна Македонија“, се наведува во соопштеннието од АД „Д-р Пановски“.