Бугарите во Уставот како конститутивен народ? Не! – Тоа е клопка!
Како да внесеме во македонскиот Устав (пази! – како конститутивен народ), некој кој не те признава како Македонец ниту во неговата, ниту во твојата држава? Тоа е историска грешка! Тоа е клопка од која можеш да излезеш само како „некој друг“!
Насекирани од мислата дека „Бугарското вето го загрозува Европскиот проект“ во кој ние иако не учествуваме, но со нашиот инает за не-удоволување на барањата на Бугарија имаме свој негативен придонес со кој им го расипуваме раатлакот на Европејците, видни политичари, аналитичари… волни да си ја завршат задачата која нив ги тангира, престорени во мисионери, со намера по секоја цена да нѐ одоброволат и помогнат во нашето дефинитивно исчезнување со бришење на самите себе, одново шетаат, сега на релација Скопје – Софија, исто како не така одамна едни други, со потврдено лоша намера шетаа на релација Скопје – Атина.
Емисарите шетаат, мене морници ме лазат… и јас со нив, за нив се секирам: – Дали ќе успееме и овој пат да им удоволиме? Кога веќе ни го променија името, идентитетот, ни забранија да ги употребуваме зборовите Македонија и Македонски… а за возврат отпаднавме од Европскиот проект, и сега, така ограбени и грди… да се потрудиме барем ним да им биде убаво и да им се врати нарушеното спокојството. Недолично е ние исто како нив да се однесуваме не-европски и да нѐ сметаат дека сме незаинтересирани за нивната добробит, исто како што им покажавме дека не сме за својата.
Посебно треба да нѐ ангажира тврдењето на загрижената германска аналитичарка Јохана Дајмел (!?) дека – „Бугарското вето го загрозува Европскиот проект на Балканот“, (Боже, кој е тој проект…?) поради што – „…нашата интервенција е насочена кон ограничување на руското влијание …“ (значи, од влијанието на Русија се плашат, па нас нѐ натегаат…).
Е, кога е така, што треба да сториме ние како нивен сервис, се разбира, преку нашите поткусурени владетели?
Јохана во интервју на БНР, од пред недела дена, рече: – „Во никој случај НЕ НЕГИРАМ ДЕКА ИМА ПОИНАКВО ТОЛКУВАЊЕ НА МИНАТОТО…“ (демек, ние сме ја извртеле историјата на штета на Бугарите…), но смета дека – „неопходно е да се постигне договор меѓу Македонија и Бугарија кој мора да содржи компромис“ (што ли подразбира под тој збор со длабоко дно?), „…уште повеќе откако СТАНА ЈАСНО дека С. Македонија е подготвена да исполни едно од клучните барања – да ги вклучи Бугарите како државотворен народ во Уставот…“.
Па сега, откаде и оваа лага…? Ама, можеби жената го чула Османи како пред некоја недела (!), рече: – „Нема проблем и ВЕДНАШ да се вметнат Бугарите во Уставот како што сторивме за другите…“. За несреќа, такво мислење денеска чувме и од Пендаровски, кој треба убаво да размисли (остај го Османи!) што значи неговото аминување, пред да го изговори. – Кога еден народ ќе се сложи во Уставот на неговата држава да се запише народ кој не го признава неговиот идентитет, – паѓа во „должничко ропство“. Кога Претседателот на државата ќе го најави таквото запишување, тој е предавник!
Кој да им каже на двајцата (ниеден не спомнува дека се работи за барање „изречно конститутивност“) дека во брзањето да им удоволат на Бугарите, прескокнале дека како Македонците не сме идентитетски негирани од никој друг комшија, сем од нив. Сите наведени во нашиот Устав нѐ признаваат како Македонци и како такви сме внесени во нивните Устави.
Како да внесеме во македонскиот Устав (пази! – како конститутивен народ), некој кој не те признава како Македонец ниту во неговата, ниту во твојата држава? Тоа е историска грешка! Тоа е клопка од која можеш да излезеш само како „некој друг“!
Навикнати сме ние да нѐ набедуваат и за тоа што другите го прават и на тој начин посилните да ни ги најавуваат отстапките кои треба да ги направиме за да се „коригираме“. Тоа долго трае… како мешавина од нивната присила и некоја чудна наша рамнодушност, проследена со некое уште почудно бегство од самите себе и од сопствените егзистенционални потреби. Таквата состојба, во нас од дамнина ни ромори како заспивна, парализирајки ни ја способноста за критичко мислење. Токму тоа нѐ доведе до разорување на структуралната претстава за нашата реалност во која збунети и разоружени тешко се снаоѓаме. Однесувајќи се немилосрдно кон самите себе, бар до сега, западнавме во илузија која нѐ води кон ропство, пред сѐ на духот, бидејќи, потиснувајќи ја сопствената снага и желба за животворност, живееме во заблуда дека знаеме што сакаме, а притоа, без размислување и без отпор го прифаќаме безусловниот избор на тоа што надвор од нас се очекува и се бара да сакаме.
Дан’ се случи и сега такво нешто со нас, посебно кога и Шулц и Макрон се вплеткани, а власта црка низ штелувано грло?
Народе! Тоа е факторот кој ни одлучува – прифаќањето на туѓите цели како свои. Тоа е злото кое судбински нѐ следи како бегство од самите себе и сопствената слобода, поткрепено со стравот од ризикот и одговорноста кои треба да ги преземеме кога самите на себе би си ја определувале целта. Како намерно да избегнуваме да ја почитуваме логиката, дека – условите на нашата човекова слобода лежат единствено во нас, во нашата способност да ги разграничуваме илузиите од вистинитото, со ист аршин како добрината од будалаштината.
За жал, јас само како застрелана птица се обидувам да го наоружам и зајакнам нашиот слободарски дух без кој животот е јалов, не сокривајќи го моето жалење дека одамна во светот, што значи и кај нас – моќта на силата го исфрли и замени аршинот како мерка со која се одредува должината и ширината на сопствениот дострел, за кој ние велиме – протегање.
Аршинот на нашето сфаќање на добрината и разграничувањето на истата од будалаштината, пред наши очи, не така дамна, ни го растегна и цвикна Германката со ѓаволска душа – Ангела, кога со авторитетот на својата политичка моќ допринесе да ни се одзеде нашиот национален идентитет и да им се подари на Грците, третирајќи нѐ како слободни европски робови кои немаат право со свој аршин да одмеруваат за себе. Тоа не е сторение за простување и заборавање!
Сега, на нејзиното место, како наследник и продолжувач на недовршената работа се појави Шулц(?), кој, не дај Боже, во договор со Макрон, по нарачка и потреба на Бугарите треба да ја завршат втората фаза од очекуваното дефинитивно самоисчезнување на Македонија и Македонскиот народ, наречена – ПОГРЕБЕНИЕ…!
Не се плашете народе! Лесно ќе оди тоа… посебно кога Шулц нѐ пофали среде Скопје: – „Одушевен сум од политичката сила која овозможи да дојде до договор со Грција!“ Фала му! Таквото воодушевување ние веќе го споделивме со Ангела и – од таа политичка сила, паднавме на колена. Така да, окуражени и од Шулц кој го растегнува одушевувањето… за негов атар, да се прајме дека веќе не нѐ боли, баш, таа – силата која нѐ мавна со чекан по мозокот…?, како резултат на што, подметнати отпадници спротивно на волјата на народот го потпишаа Преспанскиот договор. Дан’ ни се повтори нешто слично?
Сега, изгледа се бара чаре со кое ќе му се удоволи на настојчивиот Радев, за кого исто така се секирам и јас, дека ќе препека… и од Румен, ќе стане Жолтко, како што се викаше љубеното куче на мојот писател од детството Чопиќ. Човекот е скромен и сака да го пожнее никнатото од фашистичкото семе на В. Михајлов, како – „…важно за зачувувањето на бугарското културно – историско наследство во Македонија“, кое за негова жал – како скапано семе, не роди плод кај нас. Меѓутоа, тој ја бара и нивата…!
А сега? Шо ќе прајме и со Охридската Архиепископија која е „најдрагиот камен на Бугарската средновековна просветителско – историска круна?“ Цариград ја призна како колевка на нашата православна црка… а таа е црква на Македонскиот народ!
Не е само историјата со која сака да манипулира поткрепениот Радев. Таа е само стартот на бугарскиот спортист кој сонува да трча по македонска трим патека облечен во конститутивниот македонски дрес, под кој сокриен ќе го чува анџарот за да во судниот момент ја распара срцевината на македонската држава, а тоа сме ние Македонците. Како? – Кукавичкото државотворно јајце кое сака да ни го подметне во Уставот, ние ќе го испилиме и храниме, а – кога ќе потпорасне и ојача, тоа нас ќе не исфрли од нашето гнездо како изрод без свој (за нив) идентитет. Како што Грците со одземениот од нас идентитет се нарекуваат Македонци, така и Бугарите, на подмолен начин – преку запишување во нашиот Устав како државотворни, од позиција ќе ни го натурат своето тврдење кое од уста не го исплукуваат, дека сме – Македонобугари, или Бугаромакедонци. Важно – един народ – Б’лгари!
За Радев затоа е важно да има нов договор, каде ќе се даде посебна важност на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, кои, патем речено самиот не ги почитува и применува кога се работи за Македонците во Бугарија, а тоа се – човековите права, недискриминацијата итн., кои ги бара (како окорел фашист) да важат само за Бугарите во Македонија, и тоа – ЕУ да биде гарант за почитување на нивните права, со јасни механизми и критериуми (инквизиторски!) за следење на преговарачкиот процес…
Се лажам ако речам(?): – Не сме веќе подготвени како Македонци со нови наметнати договори – „потпиши па читај“, и исполнување на договор кој е потпишан од македонско објало, да правиме отстапки од своето, да се покоруваме на случувањата кои се надвор од нашиот егзистенционален интерес – како бугаризирано грдо да нѐ примат во фашистичкото европско крдо!
– „Само тревата расте на земјата примајќи го рамнодушно сонцето и непогодите, хранејќи се со земјините животни сокови, виткајќи се понизно под убиствениот здив на негодите. А, потоа, расфрлајќи го со ветерот семето, таа исто така рамнодушно умира, поздравувајќи го со шуштењето на своите преживеани стебленца, есенското сонце кое смрт значи…“.
Ете, со смисла и порака, во „Тихи Дон“ Михаил Шолохов ја напаѓа рамнодушноста на човекот и подготвеноста да прави отстапки од своето… поради туѓите ќефови. Не паметам што друго има во таа книга… И ова ќе го заборавев ако во раната младост не го запишав во срцето.