БУГАРИЈА СО ЕГЗИБИЦИЈА ИЗБЕГНУВА СРЕДБА ВО НАТО МЕЃУ РАДЕВ И СИЉАНОВСКА ДАВКОВА Претседателката и на Жељазков може да му каже дека овде веќе нема квислинзи

Мора да бидеме проактивни и да покажеме дека не е проблемот во неколку стотини наши граѓани, туку во бугарската политика стара децении, која внимателно се создавала и се спроведувала со овдешните квинслинзи, какви што имаше во минатата влада, рече премиерот Христијан Мицкоски.

2,469

Ако има каква било иницијатива за средба меѓу македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, тоа треба да се прифати, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој соопшти дека нема да присуствува на Хашкиот самит, затоа што, според ротацијата, на ред е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, откако тој присуствуваше на последниот Самит на НАТО во Вашингтон, минатата есен. Од бугарска страна се очекуваше на Самитот во Хаг да присуствува претседателот Румен Радев, поради што Македонија неодамна предложи на маргините да се одржи билатерална средба на двајцата претседатели.






Мицкоски рече дека иницијативата за билатерална средба на маргините на Самитот пристигнала од претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта и македонската страна веднаш ја прифатила.

– Според првичните најави Бугарија требаше да ја преставува Радев. Претседателот на ЕС испрати предлог, ние веднаш го прифативме, да седнат двајцата претседатели, фасцилитирани од страна на ЕУ, за време на настан во кој сме рамноправни и едните и другите. На тој состанок имаше идеја да присуствува и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претставници од американската администрација и да ги вкрстиме аргументите. Е сега, таму гледаме една егзибиција, можеби е таков начинот на фунционирање на бугарската политичка сцена. На Самитот во Вашингтон присутен беше премиерот, таму бев јас. Логично е да ротираат претседателот и премиерот, барем таква е праксата, затоа оваа година таму е претседателката Сиљановска Давкова и логично беше од страна на Бугарија да биде испратен претседателот. Тој беше најавен, а во последен момент е испратен премиерот – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека ќе побара состанок со претседателката Сиљановска Давкова.

– Ако има каква било иницијатива за средба на ниво претседател-премиер, тоа треба да се прифати, без разлика што јас нема да бидам таму. Тоа е мојот став и убеден сум дека тоа ќе биде став и на претседателката. Мора да бидеме проактивни и да покажеме дека не е тоа тоа што се зборува, да покажеме дека не е проблемот во неколку стотини наши граѓани, кои за себе велат дека бугарскиот им е мајчин јазик, туку има многу поголем проблем. Тоа е политика стара децении, тоа е стратегија која се пишувала, се говорела, внимателно се создавала и без квинслинзи овде кај нас не можела да се спроведе. За жал, такви имаше во минатата влада – рече премиерот.

Премиерот Мицкоски вчера во изјава за медиумите кажа дека суштината на проблемот со Бугарија е „обидот на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година од минатиот век и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој почива на бугарски корени“. Нагласи дека секој кој не гледа дека ова е суштината на проблемот или е политички аналфабет или не треба да се занимава со политика. Мицкоски додаде дека поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, ова точно го знаел кога го прифатил францускиот предлог.

Минатиот месец премиерот предложи на евентуалната билатерална средба во Хаг, двајвцата претседатели да ги извадат аргументите на маса, а заедно со нив да бидат претседателот на ЕС Антонио Кошта, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, како и генералниот секретар на НАТО Марк Руте и високи претставници на САД. Да седнеме заедно на маса сите, рече Мицкоски и да разговараме, колку и да трае тоа. Премиерот додаде дека „едно е кога секоја страна сама изнесува аргументи, а друго е кога двете страни на иста маса ќе ги соочат аргументите, пред сојузниците“.

– За жал, има сили во регионот што сакаат да рефлектираат нестабилност и би било многу добро да имате таков билатерален состанок и да слушнеме аргуметни. На крајот од денот, ние треба да седнеме да ги слушнеме аргументите. Можеби од другата страна ќе слушнеме аргументи кои досега не сме ги слушнале. На пример, каде исчезнаа 200.000 Македонци од Западна Бугарија од 1956 до 1965 година – рече премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со високата претставнилка на ЕУ, Каја Калас.

Оттогаш официјална Софија молчи за овој предлог.

Поврзани содржини