Бујар Османи сака да го затвори Отворен Балкан?!
Македонија е упатена на соработка со своите соседи и на поддршка на сите иницијативи за отворање на регионот, особено во време кога и самата, обременета со билатерални спорови, стравува од можна ескалација на непријателствата меѓу Србија и Косово и од нивно прелевање на македонска територија, како во 2001 година.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи бара Македонија да го преиспита своето учество во иницијативата Отворен Балкан, ако се докаже дека Србија била вклучена во настаните на северот на Косово на 24 септември.
Настрана дилемите околу тоа кој и како ќе го преземе товарот на докажување на „државната вклученост“ на Србија во настаните кои Османи ги нарекува „напад врз Косово“.
Настрана и дилемите како ќе се обезбеди кредибилноста на процесот на докажување на фактите, во ситуација кога инцидентите веќе се дефинираат со поларизирани политички изјави и со претпоставена вина на засегнатите страни, Србија и Косово.
Клучно е прашањето дали во случај да се потврди „дијагнозата“ на д-р Османи за 24 септември, затворањето на Отворен Балкан навистина ќе биде вистинска „терапија“ за кризата во Косово.
Јас лично не спаѓам во групата големи и безразложни ентузијасти кои гравититаат околу оваа иницијатива. Се знае кој одеше на самити, кој со кого се гушкаше, кој се фотографираше, кој се перчеше на Фејсбук … На тие луѓе мора да им поставам барем две логични прашања.
Прво, со што се аргументира тврдењето дека еден затворен Балкан, во кој државите се политички изолирани во сопствените граници и непријателски настроени едни кон други, е подобра опција за мирот во регионот, од несовршената и за многумина проблематична иницијатива Отворен Балкан?
И второ, дали ѝ личи на земјата претседавач на ОБСЕ – со што најмногу се гордее токму Бујар Османи – да биде таа што ќе минира иницијатива во која самата влезе ентузијастички, предводена од владата во која Османи е шеф на дипломатијата?
Конечно, треба да се разбере дека најважниот дел од обврските на македонската влада и на нејзиниот министер за надворешни работи на надворешно-политички план е да се грижат првенствено за македонските национални интереси. А потоа и за светскиот мир, кој пак најмалку зависи од малите земји како Македонија и од големите амбиции на малите ликови кои глумат фаворити во бјути-контестот за мистер на дипломатскиот универзум.
Оваа земја е упатена на соработка со своите соседи и на поддршка на сите иницијативи за отворање на регионот, особено во време кога и самата, обременета со билатерални спорови, стравува од можна ескалација на непријателствата меѓу Србија и Косово и од нивно прелевање на македонска територија, како во 2001 година.
Како и да е, она што со сигурност може да го каже и да го докаже Бујар Османи е дека нема никакви докази за вмешаност на Македонија во настаните од 24. септември во Косово. Тоа ѝ дава кредибилитет на владата во Скопје да помогне во обидите за деескалација на конфликтите и за обновување на политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина.
Воинствената изјава на Бујар Османи, за жал, не оди во таа насока. Ја разбирам како емотивна изјава на член на раководството на една албанска политичка партија. Но, таа изјава е штетна за македонската надворешна политика. И затоа, очекувам премиерот Димитар Ковачевски јасно и прецизно да ја отфрли иницијативата на Бујар Османи за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата Отворен Балкан.
А ако се покаже и докаже дека Османи и Ковачевски веќе ја усогласиле спорната изјава, тогаш веројатно имаме поголем проблем отколку што претпоставуваме.