БРЗИ И БЕСНИ Министре Спасовски, до каде сме со „Безбедниот град“?
Како што е познато, низ целиот град се инсталирани безбедносни камери и секое движење на граѓаните се снима, но иако беше најавувано, сѐ уште не функционира системот за казнување на сообраќајните прекршители и на брзите возачи.
Кога граѓаните би знаеле дека секој нивен сообраќаен прекршок се снима и дека поради тоа можат да бидат строго казнети, дали би внимавале повеќе кога се зад воланот? Како што е познато, низ целиот град се инсталирани безбедносни камери и секое движење на граѓаните се снима, но иако беше најавувано, сѐ уште не функционира системот за казнување на сообраќајните прекршители и на брзите возачи. Полицијата нив сѐ уште ги лови рачно со знакот „стоп“. Ако ѝ застанат.
По неколку тешки сообраќајни несреќи во кои загинаа млади луѓе, се донесе одлука во градот Скопје максимална дозволена брзина да биде 50 км на час, но факт е дека тоа не се почитува, а и дека не се санкционира. Сведоци сме дека полицијата секојдневно пишува стотици казни за брзо возење, но тоа ништо не менува на улиците. И натаму се вози лудо, се претекнува непрописно и се редат жртви. Во случајов, жртви се и загинатите, но и возачите, кои со таа трагедија треба да се носат цел живот.
Овие прашања се поставуваат откако синоќа 22-годишно момче усмрти 24-годишна девојка на пешачки премин кај „Сити мол“ во Скопје, по што јавниот обвинител издаде наредба да се обезбедат снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, лани на 3 април, изјави дека во рамките на МВР работна група правела анализи и се утврдило дека со софтвер за сообраќајни прекршоци ќе се елиминира човечкиот фактор и затоа сакале да направат надградба на системот „Безбеден град“ или да направат нов систем кој би се користел за таа намена.
– Во рамките на МВР работеше работна група, направивме анализи за ставање во функција на Safe City и притоа целосно да биде дигитализиран. Камерите се во функција, и тие се набавени уште од времето на претходната влада, меѓутоа концептот во тој момент не бил концепт за сообраќајни прекршоци, тие камери биле користени од Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање. Сега ги користат и Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање. Ние сега сакаме да имаме надградба или нов систем којшто ќе овозможи и сообраќајна контрола, да го исклучиме човечкиот фактор во контролирањето на сообраќајот. Анализите кои ги правиме од околните држави и од ЕУ, покажуваат дека најдобри резултати се даваат кога го исклучувате човечкиот фактор и едноставно сѐ оди преку електронскиот систем. Во тој дел е подготвено сè – рече Спасовски лани.
И покрај ваквите изјави на надлежниот министер дека сѐ е подготвено, нејасно е зошто системот Safe City не функционира со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот во главниот град.
Наспроти тоа, голем број наши сограѓани се сведоци дека секогаш кога направиле сообраќаен престап во некоја европска земја, па дури и во соседна Бугарија, на домашна адреса им стасале решенија за казни кои треба да ги платат. И ги платиле. Зашто така функционира систем во кој нема човечки фактор. Одговорно. А не со пиши-бриши казни.
Како што е познато, имаше тренд млади луѓе да се снимаат како возат брзо и тие снимки да ги објавуваат на социјалната мрежа Тик-ток. Така, беше казнет и 24-годишен тетовец кој возел со 300 километри на час со БМВ, лани во февруари.
„24-годишниот тетовец Б. Ј. со БМВ со тетовски регистарски ознаки, околу 12 часот и 30 минути на автопатот Гостивар-Тетово се движел со брзина од 300 километри на час, се снимал, а потоа видеото го поставил на социјалната мрежа Тик-ток. Согласно член 36 точка 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изготвен му е поднесок и тој ќе се соочи со парична глоба од 400 евра во денарска противвредност, а ќе му биде изречена и заштитна мерка – времено одземање на возачката дозвола до една година“, соопшти тогаш СВР Тетово.