БРОЈОТ НА ЛЕТОВИ ЗГОЛЕМЕН ЗА 3%, А НА ПАТНИЦИ ЗА 5% Најмногу директни летови има до Германија и до Турција
Од јануари до јуни, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид опслужиле 1,5 милиони патници и 12.235 лета.
Вкупно 1,5 милиони патника (1.529.451) опслужиле двата македонски аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид во првите шест месеци годинава, при што порастот во однос на истиот период лани е 5 отсто, соопшти ТАВ Македонија.
Во истиот период, бројот на летови е зголемен за 3 проценти, или македонските аеродроми опслужиле вкупно 12.235 летови од јануари до јуни.
– Задоволни сме што во првите шест месеци годинава бележиме стабилен пораст на патничкиот сообраќај за што придонесоа осумте нови редовни авиолинии кои ги отворивме од почетокот на 2025 година досега од скопскиот и од охридскиот аеродром, во соработка со авиокомпаниите и со Владата како наш партнер. Амстердам (Transavia), Париз-Орли (easyJet), Лион (Wizz Air), Барселона (Wizz Air), Анкара (Ajet), Чукурова (Ajet) и Дијарбакир (Ajet) од Скопје и Истанбул (Turkish Airlines) од Охрид. Покрај редовните и сезонските авиолинии, кон порастот придонесоа и до крајот на годинава ќе продолжат да придонесуваат и чартер-линиите на Фрибрд (Freebird) кои носат туристи од 13 европски градови. Како раководство на ТАВ Македонија, продолжуваме да работиме на отворање нови авиолинии и привлекување нови авиокомпании со цел да почнат да летаат од македонско тло, за да создадеме повеќе разновидни можности за патување за нашите граѓани, како и за граѓните од соседството. Врз основа на барањата на патниците, целиме кон туристички дестинации на шпанското и италијанското крајбрежје, како и европски престолнини важни за нашите економски, дипломатски и културни врски со земјите на поврзување – вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што потенцира Курт, ТАВ Македонија очекува стабилниот пораст на патничкиот сообраќај да продолжи и до крајот од годината, а специјален позитивен стимул кој ќе придонесе кон годишните бројки на кумулативен авиосообраќај секако ќе има летниот период. Во оваа насока, како што истакнува Курт, само во јуни скопскиот и охридскиот аеродром имале за 12% повеќе патници (324.285) во однос на истиот период во 2024 година.
Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 17,1% пазарен удел), а потоа следат Базел Милуз (6,6%), Франкфурт (5,7%), Цирих (5%) и Минхен-Меминген (4,6%), Дортмунд (4,5%) и Виена (3,9%).
Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (26,5% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (22,6%), Швајцарија (11,6%), Италија (5,4%) и Шведска (4,2%).
Ако се разгледуваат бројките за Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле одделно, скопскиот аеродром има годишен пораст за 4,47% и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1.423.039 патници, додека Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 10,9% со превезени 103.792 од јануари до јуни.