Брачен пар од Струмичко што е сместен во карантин во Маврово, од синоќа се наоѓа на инфективното одделение во гостиварската болница. Двајцата се тестирани и се очекува во текот на денот да биде потврден нивниот статус. Во Гостиварско досега се тестирани педесетина лица и има само еден позитивен на ковид-19.
– Синоќа добивме дојава од карантинот на хотелот „Макпетрол“, едно лице се пожалило на кашлица и повишена температра. Набрзо потоа заедно со неговата сопруга се примени и сместени на инфективното одделение. Направен е коронатест и ги очекуваме резултатите – изјави за МИА Јакуп Јакупи, директор на Општата болница „Д-р Ферид Мурад“.
Брачната двојка која е од Струмичко, во неделата допатувала од Словенија и била сместена во државен карантин во Маврово.
Јакупи информираше дека изминативе седум дена на инфективното одделение биле примени девет лица, од кои пет се негативни на ковид-19, а за останатите се чекаат резултатите. Жената која изминативе денови се лечеше на инфективното оддление, денеска треба да биде отпуштена.
Гостиварската болница, според Јакупи се справува со новонастаната ситуација, но во наредниот период може да се соочи со недостиг на заштитни маски. Тој апелираше до сите кои се во можност да донираат и на тој начин да помогнат.